свет

Велика Британија забрани рекламирање брза храна на ТВ и онлајн за намалување на детската дебелина

Според новите правила, храната и пијалаците кои се класифицирани како богати со масти, сол и шеќер (HFSS) не смеат да се рекламираат на телевизија пред 21 часот...

Burak Bir  | 05.01.2026 - Обновена : 05.01.2026
Велика Британија забрани рекламирање брза храна на ТВ и онлајн за намалување на детската дебелина

ЛОНДОН (AA) – Велика Британија денес воведе национална забрана за рекламирање брза храна на телевизија и онлајн, како дел од владините напори за справување со растечката детска дебелина, јавува Анадолу.

Според новите правила, храната и пијалаците кои се класифицирани како богати со масти, сол и шеќер (HFSS) не смеат да се рекламираат на телевизија пред 21 часот по локално време, ниту пак, да се промовираат преку платени онлајн реклами во кое било време.

„Децата ќе бидат заштитени од прекумерна изложеност на реклами за нездрава храна на телевизија и онлајн“, соопшти Министерството за здравство во изјава.

Од Министерството наведоа дека се очекува регулативата да го намали бројот на деца кои живеат со дебелина за 20.000 и со текот на времето да донесе околу 2 милијарди фунти (2,68 милијарди долари) здравствени придобивки.

Според официјалните податоци, 22,1 отсто од децата во Англија живеат со прекумерна тежина или дебелина на почетокот на основното образование, а таа бројка се зголемува на 35,8 отсто до крајот на основното училиште.

Министерката за јавно здравје, Ешли Далтон, изјави дека ограничувањето на рекламирањето брза храна пред 21 часот и забраната на платени онлајн реклами ќе ја намали прекумерната изложеност на нездрава храна и ќе помогне здравите избори да станат полесни за родителите и децата.

Кетрин Џенер, извршна директорка на Алијансата за здравје и дебелина, го поздрави потегот, истакнувајќи дека децата конечно ќе бидат заштитени од „најпроблематичните“ реклами за брза храна.

Колетe Маршал, извршна директорка на „Дијабетес Велика Британија“, изјави дека потребата за подобрување на здравјето на децата „никогаш не била поголема“, бидејќи дијабетес тип 2 продолжува да расте меѓу младите.

„Дебелината е главен ризик-фактор за дијабетес тип 2, а оваа состојба може да доведе до посериозни последици кај младите, оставајќи ги изложени на сериозни компликации како откажување на бубрезите и срцеви заболувања“, изјави таа.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.