Русија тврди дека презела контрола врз погранично населено место во украинскиот регион Суми
Според соопштението на Министерството за одбрана, руските сили го зазеле селото Храбовске, кое се наоѓа на околу 51 километар југоисточно од градот Суми
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес соопшти дека презела контрола врз погранично населено место во североисточниот украински регион Суми, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за одбрана објавено на Телеграм, руските сили го зазеле селото Храбовске, кое се наоѓа на околу 51 километар југоисточно од градот Суми.
Храбовске се граничи со населеното место Староселје во рускиот пограничен регион Белгород.
Вчера, Виктор Трехубов, портпарол на украинската војска, тврдеше дека руските сили од далечина го минираат пограничното село за да спречат украински контранапади.
„Ми се чини дека планирале да одат подалеку, да го нападнат регионот Суми, но тоа не успеа. Затоа создаваат толку мала позиција од Храбовске“, изјави Трехубов за јавниот сервис на Украина, Суспилне.
Кон крајот на декември, повикувајќи се на Главната дирекција за комуникации на Украинските вооружени сили, државната новинска агенција Укринформ објави дека руските сили влегле во регионот Суми во близина на Храбовске, поради што украинските трупи се повлекле од неколку блиски позиции.
Беше наведено дека руските трупи влегле во пограничното село и однеле повеќе од 50 луѓе во Русија. Украинскиот претседател Владимир Зеленски подоцна рече дека меѓу однесените имало и 13 војници.
Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец, исто така, го потврди тврдењето во посебна изјава, велејќи дека ја замолил својата руска колешка Татјана Москалкова да даде информации за ова прашање и дека испратил писмо и до Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Ни руските ниту украинските власти не ги коментираа меѓусебните тврдења, а нивна независна верификација е тешка поради војната што трае речиси четири години.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
