Ahmet Gürhan Kartal
11 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, ги повика сите страни да ја потврдат својата посветеност во врска со иранскиот нуклеарен договор, кој го нарече историско достигнување, јавува Anadolu Agency (AA).
Забелешките на Џонсон дојдоа по вчерашниот телефонски разговор со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и со иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф.
Сепак, договорот постигнат во времето на поранешниот претседател Барак Обама е оспорен од страна на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, кој се противи на меѓународниот компромисен пакет.
Неговата администрација планира да ја објави својата одлука за нуклеарниот договор од 2015 година, постигнат меѓу Иран и шесте големи светски сили. Се очекува дека Трамп ќе го поништи договорот.
Сепак, Британците и понатаму го поддржуваат договорот што траеше 13 години. „Нуклеарниот договор беше клучен договор којшто ја неутрализираше нуклеарната закана на Иран“, рече Џонсон денес.
„Велика Британија го поддржува договорот и нагласува дека е важно сите страни да продолжат да ја потврдуваат својата посветеност“, додаде тој. „Тоа беше кулминација на 13-годишната макотрпна дипломатија и ја зголеми безбедноста, и во регионот и во Велика Британија“.
„Бевме навистина длабоко загрижени во врска со дестабилизирачката регионална активност на Иран, вклучувајќи ја и неговата програма за балистички ракети, но јас останувам непоколеблив во мојот став дека нуклеарниот договор беше историско достигнување кое несомнено го направи светот побезбеден“, рече Џонсон.
Тој ќе се состане со иранскиот потпретседател Али Акбар Салехи во Лондон, за да изврши притисок за континуираната согласност на Иран со договорот.
Британската премиерка Тереза Меј, која вчера телефонски зборуваше со Трамп во врска со договорот, исто така потврди дека Велика Британија е строго посветена на договорот заедно со нивните европски партнери.
Салехи, кој воедно е и шеф на Иранската нуклеарна агенција, ќе допатува во Лондон денес, по конференцијата за нуклеарна безбедност во Рим.