Davut Çolak
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
КОПЕНХАГЕН (АА) - Пуштен е на слобода Ибрахимјон Аспаров, кој од јули е притворен во Данска. За него се претпоставува дека обезбедил оружје и муниција за терористот на ДЕАШ, Абдулкадир Машарипов, кој го изврши нападот во Реина, при којшто загинаа 39 лица ноќта на Нова година во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Полициската дирекција во југоисточен Јутланд се наведува дека на слобода е пуштен Аспаров, кој од 20 јули беше притворен во Данска.
Полицијата во југоисточен Јутланд соопшти дека обвинителот на Кралското обвинителство негативно одговорил на барањето на Турција за екстрадирање на Аспаров.
Од друга страна, се истакнува дека 42-годишниот Ибрахимјон Аспаров, по потекло од Узбекистан, бил задржан во притвор врз основа на барањето на Турција за екстрадирање, и оти од страна на Данска нему не му е припишано некое кривично дело.
Исто така, полицијата на југоисточен Јутланд пренесе дека Ибрахимјон Аспаров е обвинет дека обезбедил оружје и муниција за терористот на ДЕАШ, Абдулкадир Машарипов, кој го изврши нападот во ноќниот клуб Реина на новогодишната ноќ, и оти истрагата сѐ уште трае.
- Судски процес -
Ибрахимјон Аспаров беше приведен од страна на полицијата во југоисточен Јутланд, на 29 јуни, со интервенција на Полициската разузнавачка служба на Данска (ПЕТ, а на барање на Турција, но откако даде изјава, беше пуштен на слобода.
Четириесет и двегодишниот Аспаров, за кого се вели дека живее во градот Вејле, по барањето на Турција, во јули беше приведен по вторпат, а на судската седница на 20 јули му беше изречена мерка притвор од четири недели. По овие четири недели, на друга сесија во судот во градот Колдинг, беше донесена одлука за продолжување на мерката притвор, а седницата беше презакажана за 13 септември, но и на оваа седница беше донесена одлука за продолжување на мерката притвор за четири недели.
- Масакрот во Реина -
Во оружениот напад извршен од страна на терористот Абдулкадир Машарипов во ноќта на Нова година, во ноќниот клуб Реина во Истанбул, животот го загубија 39 лица.
Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација ДЕАШ, додека Машарипов беше приведен на 17 јануари, во Истанбул, а потоа тврдеше дека оружјето и муницијата му ги дало лице со потекло од Узбекистан, Ибрахимјон Аспаров, кој живее во Данска.