Ekipa
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Дипломатската игра меѓу Мадрид и Барселона продолжува денес, кога шпанскиот премиер Маријано Рахој побара од каталонските лидери да се изјаснат дали прогласиле независност или не, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи во телевизиското обраќање по итниот состанок на кабинетот во Мадрид, водачот на Народната партија рече дека каталонската администрација на претседателот Карлес Пучдемон требало да реагира на тој начин за да се „избегне забуна“ по контроверзното гласање за независност.
Тој изјави дека на шпанскиот и на каталонскиот народ им е потребна сигурност и оти е неопходно спокојството да биде вратено колку што е можно побрзо.
Изјавата на Маријано следува по синоќешниот говор на Пучдемон во којшто тој изјави дека иако го поддржува прогласувањето на независноста, тоа би требало да биде одложено за неколку недели, со цел да се остави простор за дијалог и посредување.
Огромно мнозинство гласачи во богатиот североисточен регион се одлучија за независност од Шпанија на референдумот на 1 октомври. Сепак, одѕивот беше само околу 43 проценти, а гласањето беше прогласено за незаконско од страна на шпанските судови.
Настаните со шпанската полиција, којашто го наруши обидот за гласање, исто така, ги зголемија тензиите во регионот.
Неколку европски земји посочија дека нема да го признаат едностраното прогласување независност од страна на Каталонија.
Официјалното изјаснување би можело да ги направи властите на Каталонија подложни на гонење. Судовите во Шпанија би можеле да ја овластат владата да пристапи кон членот 155 од Уставот, кој му дозволува на Мадрид да ја суспендира автономијата на Каталонија.