Yeter Erdine
26 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) – Заврши посетата на министерот за надворешни работи на Англија, Борис Џонсон, во кампот на сириските бегалци во областа Низип, во Газиантеп, јавува Anadolu Agency (AA).
Џонсон заедно со гувернерот на Низип, Харун Сарифакиогулари и директорот на АФАД, Адил Шираз, ги посетија здравствениот дом, основното училиште и градинката во областа, и притоа се сретнаа со децата.
Сарифакиогулари изјави дека на семејствата што доаѓаат од Сирија, во овој камп им се обезбедени сите потребни средства.
Потенцирајќи дека дневно во кампот им се даваат здравствени услуги на 225 Сиријци и дека посериозните случаи ги носат во болниците во Низип и во Газиантеп, Сарифакиогулари рече дека сириските бегалци ги уживаат истите права како и турските државјани.
Сарифакиогулари додаде дека на децата од Сирија им се обезбедени и сите потреби во врска со нивното образование.
Џонсон со помош на преведувач разговараше со едно сиријско семејство што пред 4 години мигрирало од Алепо. Семејството се заблагодари за услугите што им се овозможени во овие 4 години.
Тој подоцна го посети и социјалниот центар, каде што разговараше со жените, а му беше подарен украс, магнет за фрижидер во форма на пеперутка.
По посетата на маркетот во кампот, Џонсон беше гостин во домот на Ахмед Нури и неговото 5-члено семејство. По оваа домашна посета, Џонсон замина од кампот.
Џонсон беше придружуван и од англискиот амбасадор во Турција, Ричард Мур, и од специјалниот претставник на Англија за Сирија, Гарет Бејли.