İnci Gündağ
23 Септември 2016•Ажурирај: 24 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, соопшти дека излезот на Британија од ЕУ (Брегзит), водејќи се според член 50 од Лисабонскиот договор, најверојатно ќе започне идната година, јавува Anadolu Agency (AA).
Џонсон пред британските медиуми зборуваше за Брегзит. Тој изјави дека британската Влада сѐ уште преговара околу времето кога да започне излегувањето на Британија од ЕУ, според член 50 од Лисабонскиот договор.
„Владата сѐ уште работи на писмото околу членот 50. Писмото најверојатно ќе биде готово во текот на идната година. Се среќаваме со нашите европски пријатели и партнери околу активирањето на членот 50 од Лисабонскиот договор во почетокот на наредната година“.
Најотворената порака што Британија ја испраќа до своите партнери е: „Не излегуваме од Европа“, рече Џонсон, додавајќи: „Иако тоа е надвор од договорот со ЕУ, сакаме да имаме колку што е можно поблиски трговски односи со ЕУ. Да се успее во тоа е од корист и за нив. Формирањето договор за слободна трговија со нас е и во нивна корист и сметам дека тоа ќе се оствари“.
Велика Британија на 23 јуни спроведе референдум за одвојување од ЕУ, на кој 52 отсто од населението гласаше „за“.
Официјалните преговори за излез од ЕУ не може да започнат без во оптек да се стави членот 50 од Лисабонскиот договор. Премиерката на Британија, Тереза Меј, изјави дека до 2017 година нема да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор.