Aslı Aral
02 Декември 2016•Ажурирај: 03 Декември 2016
ЛОНДОН (АА) - Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, изјави дека сирискиот претседател, Башар ал Асад е одговорен за поголемиот дел од 400.000 загинати во изминатите пет години, и дека жителите на Сирија нема да прифатат тој повторно да биде нивен водич, јавува Anadolu Agency (AA).
Џонсон зборуваше на Институтот „Чатам хаус“ во Лондон, на темата: „Глобална Британија: Надворешната политика на Велика Британија во време на Брегзит“. Во оваа пригода тој изјави дека неговата земја ќе продолжи со остриот став кон Русија, што, како што истакна, не треба да значи дека е погрешно да се продолжи дијалогот и да се има воспоставен однос.
Исто така, шефот на британската дипломатија нагласи дека Велика Британија нема да ја игнорира улогата на Русија кога се во прашање масакрите што се случуваат во Алепо.
„Поради тоа, не можеме да ги нормализираме односите со Русија. Го кажав тоа и претходно, доколку Русија го прекине бомбардирањето во Алепо, ако го увери Асад да се согласи на мирни преговори и да го почитува Договорот од Минск, може да стекне почитување од целиот свет“, изјави Џонсон.
На прашањето дали е реално да се очекува иднината на Сирија без Башар ал Асад, Џонсон одговори:
„По петгодишниот масакр во Сирија, Башар ал Асад е одговорен за поголемиот дел од 400.000 загинати во оваа земја. Сметаме дека жителите на Сирија нема да прифатат повторно да ги води Асад. Мора да се оствари напредок, Асад мора да остане назад. Иднината на Сирија мора да биде единствена земја, но не гледам можност дека тоа може да биде под водство на Асад“, изјави Џонсон.