Ekip,Ahmet Gürhan Kartal
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија, Франција и Германија заеднички го осудија зголеменото насилство на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и сојузничките сили во северозападната сириска област Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Во заедничко соопштение, министрите за надворешни работи на трите европски земји искажаа голема загриженост во врска со благосостојбата и безбедноста на сириските граѓани кои живеат во последната област под контрола на бунтовниците, повикувајќи ги двете страни да избегнат воена конфронтација и да се придржуваат на заложбите за намалување на насилствата во областа.
„Франција, Германија и Велика Британија се сериозно загрижени од актуелната ескалација на непријателствата во северозападна Сирија“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
„Во текот на изминатите денови, цивилното население во регионот беше тешко гранатирано од страна на сирискиот режим и Русија, со секојдневни воздушни напади и бомбардирања. Воената ескалација мора да запре“, повикаа тие.
Осудувајќи го сирискиот режим и руските сојузници за недискриминирачкото бомбардирање, употребата на барелни бомби и таргетирањето цивилни и хуманитарни инфраструктури, тие повторија дека таквите флагрантни дела се прекршување на меѓународното хуманитарно право.
Во соопштението се вели дека судирите резултирале со смрт на над 120 цивили во текот на изминатите недели.
Се нагласува дека и покрај тоа што присуството на терористичките групи (според ОН) во Идлиб претставува сериозна загриженост, неселективната и брутална офанзива на опколената област не се занимава со борбата против тероризмот, како што тврди сирискиот режим, туку станува збор за повторно заземање на територија.
На Самитот во Истанбул во септември, Русија, Турција, Германија и Франција изразија посветеност кон постигнувањето целосен прекин на огнот во Идлиб.
Турција и Русија во септември се договорија да го претворат Идлиб во зона без судири во која актите на агресија се строго забранети.
„Најважно е да се обезбеди заштита, безбедност и непрекинат хуманитарен пристап за цивилите, за да се ублажат нивните страдања“, пишува во соопштението.
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, минатата недела го осуди военото дејство од страна на Русија и сирискиот режим, нарекувајќи ја офанзивата флагрантно прекршување на Договорот за прекин на огнот постигнат од Русија со Турција.
Во текот на последните недели, сирискиот режим и неговиот сојузник Русија ги интензивираа нападите врз последната голема бунтовничка енклава. Тоа може да предизвика голема хуманитарна катастрофа, бидејќи 180.000 цивили веќе беа принудени да ги напуштат своите домови во последните две недели.
Околу 1,5 милион лица живеат во Идлиб, од кои половина се бегалци од другите делови на земјата.