Michael Hernandez
14 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, го предупреди Иран во врска со мистериозните напади врз четирите танкери за нафта во стратешкиот морски теснец, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа ќе биде голем проблем за Иран, доколку нешто се случи, тоа можам да ви го кажам“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, по приемот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Нема да бидат среќни.“
Запрашан што мисли со тоа, претседателот одговори: „Тоа можете сами да го сфатите. Тие знаат што мислам со тоа.“
Администрацијата на Трамп веќе повеќе од една недела алармира во врска со заканите од Иран, но одби да презентира детали.
Поради зголемените тензии, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во неделата соопштија дека четири трговски бродови биле цел на саботажни напади недалеку од брегот на пристанишниот град Фуџаира.
Според официјалните лица, два од бродовите биле танкери за нафта со знаме на Саудиска Арабија, еден брод на Емиратите, а четвртиот бил со норвешко знаме.
Властите на ОАЕ веднаш не обезбедија детали за наводните напади и не ја наведоа природата на саботажата или државата за која мислат дека е одговорна.
Пристаништето Фуџаира се наоѓа на околу 136 километри јужно од Ормудскиот Tеснец, проток во Персискиот Залив преку кој се одвива третина од вкупната трговија со нафта по морски пат.