Alma Dekovic
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
САРАЕВО
Нерегуларниот мигрантски проток во Босна и Херцеговина и државите од регионот забави поради пандемијата на коронавирусот, но поради ситуацијата во Авганистан, опасноста од нерегуларни миграции е висока, изјави денеска европскиот комесар за проширување и соседство, Оливер Вархелји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вархелји имаше обраќање на регионалната конференција „Sarajevo Migration Dialogue“ каде што стакна дека миграцијата е заеднички предизвик, дека ЕУ е посветена кон заедничка работа со сите партнери во регионот за решавање на мигрантската ситуација, истовремено продолжувајќи со поддршката за нивниот пат кон членство во ЕУ.
Тој додаде дека сите земји мора да бидат внимателни и да работат заедно за да се избегне можна мигрантска криза во иднина.
„Нерегуларниот проток на мигранти е забавен во регионот поради пандемијата на Ковид-19. Сепак, поради моменталната ситуација во Авганистан и притисокот врз Турција, опасноста од зголемување на нерегуларната миграција во регионот е голема. Можноста за нова криза не може да биде исклучена“, предупреди еврокомесарот.
Тој најави дека Европската комисија и европските агенции ќе продолжат да инвестираат во градење на капацитети за азил и системи за прием во Западен Балкан.
„Клучно е да се вратат оние кои по извршените процедури немаат право да останат. Ќе продолжиме да го поддржуваме Западен Балкан во процесот на проширување на програмата за доброволно враќање. Сметам на земјите членки на ЕУ, да ја одиграат фер својата улога. Мора да им биде јасно дека вратите на ЕУ не се отворени за нерегуларен влез. Подготвени сме да соработуваме со трети земји за олеснување на враќањето“, истакна Вархелји.
Тој додаде дека ЕУ моментално работи на програмирање на идните активности поврзани со миграцијата на Западен Балкан, врз основа на заеднички идентификувани потреби.
„Морам да ве уверам дека ЕУ ќе го изврши својот дел од работата, како политичкиот така и финансискиот, но од вас очекуваме еднаква посветеност за да ги решиме заедничките предизвици и да ги постигнеме целите кои се во заеднички интерес“, изјави Вархелји.
Регионалната конференција „Sarajevo Migration Dialogue“ се одржува од 17 до 19 ноември. Преку оваа конференција на највисоко ниво се има за цел да се зајакне соработката и партнерството во регионот, како и размената на информации и искуства, кои се од пресудна важност за ефикасно управување со миграциите.