İhvan Radoykov
05 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
СОФИЈА (АА) - Претседателот на Бугарија, Румен Радев, даде изјава против поранешниот министер за одбрана Николај Ненчев поради кризата во којашто се наоѓа военото воздухопловство во неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Радев, кој е поранешен командант на воздухопловните сили на Бугарија, беше повикан во бугарското Јавно обвинителство, каде што 3,5 часа даваше изјава. На излегување, Радев за медиумите изјави: „Поранешниот министер за одбрана, Николај Ненчев, ја приземји нашата флота на воени авиони“.
Ненчев е обвинет за договорот за одржување и сервисирање на бугарската воена флота, сочинета од вкупно 17 авиони, со кој воените авиони наместо да бидат одржувани од страна на Русија, таа задача ѝ е доделена на Полска, која нема соодветна лиценца за тоа.
Претседателот Радев е член на главната опозициска Партија на бугарските социјалисти (БСП), која води корени од старата Комунистичка партија на Бугарија. Пред да биде претседателски кандидат, Радев беше командант на бугарските водухопловни сили. Во својата изјава, бугарскиот претседател го бранел ставот дека бугарските авиони „МИГ“, наместо во Полска, требало да бидат одржувани и сервисирани во Русија.
Радев истакна дека имал конфликт со тогашниот министер за одбрана Ненчев по ова прашање и додаде: „Поради слепото незнаење на Ненчев, беше приземјена целата наша флота од воени авиони. Потпишувањето на договорот со Полска стана причина за голема хаварија. Вистинско фијаско е поправката на моторите на само 6 авиони во периодот пред потпишувањето на долгорочниот договор за одржување и логистика“.
Ненчев ги отфрли сите обвиненија од страна на Јавното обвинителство изјавувајќи: „Овој процес не е против мене, туку е процес против реномето на НАТО. Доколку наместо со Полска, потпишавме договор со Русија, тогаш одржувањето и сервисот на авионите ќе беше одложено за 6 до 8 месеци“.
- Проблеми на бугарските воздухопловни сили
Основната флота на Бугарија ја сочинуваат авиони „МИГ-21“ и „МИГ-29“, чиј технолошки период на употреба е при крај, и во земјата главна тема на дневниот ред е купувањето нови авиони.
Од друга страна, во рамките на одлуката што ја донесе бугарскиот Парламент за создавање нова авионска флота, претседателот Радев кој има некои недоразбирања со бугарската Влада, првенствено имаше изјавено дека е потребно да се купат полови авиони „F-16“, за подоцна да го смени мислењето и да зборува за купување нови воени авиони „Grippen“ од Шведска.
Во врска со изборот на воените авиони настана конфликтна ситуација меѓу бугарската Влада и претседателот Радев, кој иако е нов во политичката арена, тврди дека има надлежност во изборот на типот на воените авиони за бугарската флота, особено како еден искусен пилот.
Под сомнение дека претседателот Радев лобира во купувањето авиони, Парламентот формираше привремена комисија за испитување на типот на авионот што треба да биде купен.
По средбата меѓу претседателот Радев и премиерот Бојко Борисов, беше донесена одлука за ставање крај на недоразбирањата меѓу институциите.
Во меѓувреме, поради малиот број авиони што можат да летаат, заштитата на воздушниот простор на земјата, врз основа на „воздухопловна полиција“, Бугарија го спроведува во договор со Италија, свој сојузник од НАТО.