Abdullah Aşıran
05 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
ХАГ (АА) - Судот во Холандија ќе ги процесуира осомничените за авионската несреќа, односно за падот на патничкиот авион на „Malaysia Airlines“ (Малезија ерлајнс) на летот MH17, кој пред три години се урна во источниот дел на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на Холандија денес соопшти дека судот во таа земја, во своите законски рамки ќе ги процесуира осомничените за авионската несреќа, и дека тоа е одлука на Заедничкиот обвинителски совет (JIT), кој го сочинуваат обвинители од Холандија, Австрија, Белгија, Украина и од Малезија.
Во соопштението се наведува дека во согласност со новата одлука, сите започнати истражни и судски процеси во Украина треба да се предадат на понатамошно процесуирање на холандското обвинителство и оти во тој контекст, владата на Холандија ќе стапи во преговори со Украина.
Претходно е побарано под покровителство на ОН да се основа посебен меѓународен суд, кој би ги процесуирал осомничените за несреќата на кобниот лет MH17, но таа иницијатива беше спречена со руското вето во Советот за безбедност.
Холандските истражувачи претходно соопштија дека патничкиот авион „Boeing 777“ е урнат со проектил 9M38 BUK од руско производство.
Проектилот погоди директно во кокпитот и притоа загинаа сите тројца членови на екипажот.
Авионот на летот MH17, на релација Амстердам – Куала Лумпур се урна на 17. јули 2014 година, во источниот дел на Украина, а во несреќата загинаа сите 298 лица во авионот.
Претходните истраги на западните експерти исто така укажуваа дека проектилот што го собори авион е истрелан од подрачјето под контрола на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина, а руските експерти тврдат дека проектилот е истрелан од подрачјето што е под контрола на украинските безбедносни сили.