Hasan Esen
10 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
МАДРИД (АА) – Во поплавите предизвикани од поројните дождови што го зафатија шпанскиот остров Мајорка, загинаа 8 лица, а се трага по исчезнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на безбедносната служба „Гардиа сивил“ (Guardia Civil), задолжена за рурални подрачја, се наведува дека во поплавите се загинати 8 лица. Идентификувани се телата на 7 лица.
Антонија Бауза, заменик-градоначалничка на Сент Лоренс, најпогодената општина од поплавите на островот, изјави дека меѓу загинатите лица има и двајца државјани на Велика Британија.
Таа додаде дека во тек се операциите за пребарување и спасување.
- Поплавата носеше и автомобили -
На видеоснимките се гледа дека поплавите што го зафатија островот во ноќните часови, носеле и автомобили, додека плоштадите и подрумските простории на некои куќи се под вода.
Исто така, објавени се и утрински снимки, кога веќе поплавите го изгубија својот интензитет, на кои се гледа дека надојдените води автомобилите ги однеле до крајот на патиштата и мостовите, собрани на куп.
Акциите за пребарување и спасување ги спроведуваат 300 члена на „Гардиа сивил“, а на теренот се испратени и 80 војници за да помогнат во пребарувањето.
- Надал ги отвори вратите на своите тениски објекти -
Околу 200 лица беа евакуирани и сместени во спортски објекти и на еден хиподром.
Рафаел Надал, шпанскиот тенисер од Мајорка, на својот официјален профил на Твитер соопшти дека за евакуираните лице ги отворил спортските објекти и Академијата за тенис, која се наоѓа на островот.
Владата настанот го опиша како деструктивен, а најавено е дека премиерот на земјата, Педро Санчез, во текот на денот ќе го посети местото на настанот.
Во чест на починатите лица, во Парламентот беше одржан едноминутен молк.
Шпанската метеоролошка агенција, објави дека во текот на ноќта паднале 232,8 литри дожд на метар квадратен, и дека дождот ќе продолжи да паѓа и денес, но со намален интензитет.