Nazir Aliyev Tayfur
18 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
БИШКЕК (АА) – Бројот на загинати во Киргистан во пограничните судири со Таџикистан се искачи на 36, додека 129 лица се повредени, соопшти денес киргистанското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Уште 12 тела се донесени во медицинските установи во регионот Баткен, што се граничи со Таџикистан, каде што поради пограничен спор избија судири помеѓу силите на двете поранешни советски републики. Претходниот биланс на загинати изнесуваше 24.
Таџикистан нема дадено официјално соопштение за бројот на жртви, но локалните медиуми објавија дека животот го загубиле најмалку 39 лица.
Пограничните судири започнаа во средата, а подоцна двете страни се согласија на прекин на огнот. Паралелно со обвинувањата од двете страни за прекршување на договорот Киргистан прогласи вонредна состојба во регионот Баткен во петокот.
Киргистан соопшти дека речиси 136.000 жители биле евакуирани од селата во близина на границата со Таџикистан.
Преку соопштение, вчера портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Стефан Дужарик, го повика раководството на двете земји да се вклучи во дијалог за траен прекин на огнот. „Двете страни треба целосно да ги искористат постојните механизми на теренот со цел смирување на тензиите“, порача Дужарик.