ЛОНДОН (АА) - ХАСАН ЕСЕН -
Семејството со ограничени можности на 19-годишниот Хери Дан, кој почина како резултат на судирот со возило од страна на сопругата на еден американски агент, бара правда за синот и во Велика Британија и во САД, пишува Агенција Анадолија (AA).
Семејството на Дан, кој почина на 27 август во Велика Британија, кого со возило го удри Ен Сакулас, сопруга на американскиот агент Џонатан Сакулас, води борба за судење на Сакулас која избега во САД.
Ова семејство од британската Влада за која тврди дека „го издала“, и од САД кои не ја судат Сакулас, со образложение дека има дипломатски имунитет, бара да се обезбеди правда.
Гласноговорникот на ова семејство, Ред Сејгер, даде писмен одговор на прашањата на новинарот на АА во САД.
Сејгер рече дека сопругата на агентот, Ен Сакулас, најпрвин треба да се врати во Велика Британија и да одговара пред судот.
„Таа ноќ го одзеде животот на Хери. Многу е одвратно што таа со помош и поддршка на [претседателот на САД, Доналд] Трамп, избега од овој случај“, рече Сејгер, додавајќи дека доколку Сакулас не сака со своја волја да се врати, треба да се екстрадира во Велика Британија.
- Тужбено барање против владите на САД и Велика Британија
Сејгер нагласи дека семејството ќе отвори тужбено барање со надомест против двете влади поради „прикривање на случајот“ и „злоупотреба на функцијата“.
Според него, многу е јасно дека Владата и полицијата ги злоупотребуваат своите функции.
„Не може да се дозволи странски посетител кој посетува која било земја, да убие едно лице и под покривот на дипломатски имунитет да ја напушти таа земја“, додаде Сејгер.
Тој рече дека моментално двете земји постигнале консензус дека Сакулас не поседувала дипломатски имунитет, и дека семејството ќе поднесе тужби од висок профил кон двете страни, со цел да потврди дека се работи за злоупотреба.
„Семејството не бара правда само за неговиот син. Знае дека има голема одговорност како да им даде лекција на владите дека не може да се гази врз малите луѓе и да се бега, повикувајќи се на имунитет“, нагласи Сејгер, укажувајќи на важноста на поддршката на јавноста и на медиумите за оваа борба.
- „Единственото нешто од што се плашат владите е поддршката на народот“
Тој истакна дека постојано ги информираат медиумите во врска со случувањата во оваа насока, и дека на социјалните мрежи формирале многу активна платформа. Информираше дека на социјалните мрежи водат кампања со хаштагот „justice4harry“ (Правда за Хери).
Сејгер, изјавувајќи дека добиле поддршка од бројни земји во светот, рече: „Доколку ја немаше оваа поддршка, Владата не ќе можеше да направи толку. Единствено нешто од што се плашат владите е тоа.“
- „Водиме борба за правата на обичните луѓе“
Од друга страна, мајката на Хери Дан, Шарлот Чарлс, истакна дека нивната борба започнала со смртта на Хери, и дека во овој процес се соочиле со бројни прашања.
Таа рече дека водат борба за правата на обичните луѓе во целиот свет.
Според неа, Хери секогаш бил многу принципиелен млад човек кој верувал во правдата против неправдата.
- „Британската Влада нѐ издаде“
Чарлс ја обвини британската Влада дека ги издала.
„Не разбираме зошто ни го прави тоа. Не нѐ поддржува во еден период кога најмногу имаме потреба, и само стана дел од проблемот, за што до судот ќе доставиме тужба против неа“, рече таа.
Чарлс нагласи дека ќе направат сѐ за да ги откријат грешките на владите, со цел некој друг да не доживее нешто слично. Таа побара Сакулас да се врати и да одговара за стореното дело.
- „Трамп сакаше да нѐ купи“
Таткото на Хери Дан, Тим Дан, укажа на средбата која ја реализирале со претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Одвратно беше тоа што ни го стори. Се чувствуваме како да сме извалкани. Кога тој ден побара да отидеме во Белата куќа, не ни спомна за неговата намера. Госпоѓа Сакулас пред неколку недели го уби Хери, и сега неочекувано сакаше да нѐ состане со неа, додека сите светски медиуми го следат случајот“, нагласи Тим Дан.
Тој истакна дека сега подобро разбрале оти на средбата Трамп ги игнорирал.
„Да беше спротивното, ќе ни кажеше што планира да направи, и наместо да нѐ заседа, ќе ни дадеше шанса да кажеме „да“ или „не“. Навистина знаеме што сака. Сакаше да нѐ купи и да го прикрие целиот случај“, додаде тој.
- Што се случи?
Хери Дан на 27 август почина на 19-годишна возраст како резултат на несреќата која се случи близу разузнавачката база на САД во Нортемтоншир.
Беше откриено дека Хери со неговиот мотоцикл се движел во точен правец, додека сопругата на агентот, Ен Сакулас, со нејзиното возило се движела на погрешен правец.
САД го спречија судењето на Сакулас, со образложение дека има дипломатски имунитет, додека британската Влада не се спротивстави на тоа.
Сакулас на 15 септември ја напушти Велика Британија со воениот авион на САД. Семејството Дан дури по една недела беше информирано за нејзиното бегство.
Во текот на процесот беше откриено дека сопругот Џонатан Сакулас не бил дипломат како што беше тврдено, туку висок агент.
Британските власти беа принудени да излезат со изјава во врска со случајот дури откако се проширија вестите околу несреќата.
Семејството вели дека било оставено на цедило од страна на двете држави, и дека досега собрало околу 88.000 стерлинзи како донација за плаќање на судските трошоци.
news_share_descriptionsubscription_contact


