Ekip
13 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
ВЕНЕЦИЈА (АА) - Поплавите во италијанскиот град Венеција, познат по каналите, достигнаа второ највисоко ниво во историјата, по катастрофалните поплави во 1966 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нивото на водата во вторникот достигна 187 сантиметри, што значи дека повеќе од 85 отсто од градот е поплавен. Највисокото ниво на вода досега забележано е 198 сантиметри за време на поплавите во 1966 година.
Гувернерот на регионот Венето, Лука Заија, рече дека едно лице починало, иако причината не била веднаш позната.
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, ги обвинува климатските промени за оваа драматична ситуација и повика на што побрзо завршување на долгоодложуваниот проект за изградба на заштитни бариери на брегот.
Наречени „Moses“ (Мојсеј), придвижните подморски бариери се наменети да ги ограничат поплавите во градот, што ги предизвикува јужниот ветер кој ја носи плимата во Венеција.
Бруњаро нагласи дека нивото на поплавите претставува „рана која ќе остави неизбришливи траги“.