Ahmet Gürhan Kartal
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Британските пратеници ги отфрлија четирите алтернативни предлози за Брегзит, не успевајќи да формираат мнозинство за кој било од предлозите, јавува Anadolu Agency (AA).
Индикативнoто гласaње на пратениците за алтернативите на Договорот на премиерката Тереза Меј, или за Брегзит без договор повторно не даде јасен патоказ.
Една од алтернативите, која предлагаше Велика Британија да ја напушти Европската Унија, но да остане во царинската унија, беше тесно поразена со три гласа, за неа гласаа 273 пратеници, додека 276 беа против.
Говорејќи по соопштувањето на резултатите, државниот секретар за Брегзит, Стивен Баркли, рече дека ниту едно решение не добило мнозинство, но дека Парламентот може да избегне Брегзит без договор со одобрување на Договорот со Меј во четвртото гласање оваа недела.
Лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, потенцираше дека една од опциите е тесно поразена, и дека за неа може повторно да се гласа.
Ник Болс - пратеник од Конзервативната партија кој стои зад предлогот за заеднички пазар, според кој Велика Британија ќе ја напушти ЕУ, но ќе остане на заедничкиот европски пазар, изјави дека жали што неговиот амандман не успеал.
Болс истакна дека ќе одбие да биде во Долниот дом на Парламентот како член на конзервативците, најавувајќи ја својата оставка од партијата.
Осумте алтернативи за кои се гласаше минатата недела беа одбиени, но четири алтернативи кои добија најмногу гласови беа вратени во Парламентот на гласање синоќа, на само 11 дена пред крајот на продолжениот рок даден од ЕУ.
ЕУ неодамна даде продолжување за Брегзит, истакнувајќи дека крајниот рок е 12 април, доколку Долниот дом не го одобри Договорот на Меј до крајот на минатата недела.
Договорот на Меј беше отфрлен во петокот по третпат.
Претходно, во расправа за алтернативите, пратеникот од Конзервативната партија, Ричард Дракс, истакна дека минатата недела гласал за Договорот на Меј, но дека жали што го сторил тоа, повикувајќи ја премиерката веднаш да поднесе оставка.
Се очекува Меј денес да претседава со состанокот на Кабинетот.
Таа минатата недела рече дека ќе поднесе оставка на функцијата премиер доколку Парламентот го усвои нејзиниот договор.
ЕУ минатата недела соопшти дека ќе одржи итен самит за Брегзит на 10 април.
Британските гласачи одлучија да го напуштат блокот по над 40-годишно членство, по одржаниот референдум во 2016 година.