Abdel Razek Abdallah,Safiye Karabacak
02 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
АЛЖИР (АА) - Алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика соопшти дека ќе поднесе оставка пред 28 април, кога истекува неговиот мандат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според наводите на алжирската новинска агенција АПС (APS), претседателот Бутефлика ќе поднесе оставка пред официјалниот истек на мандатот.
Во соопштението на Кабинетот на претседателот на Алжир се наведува дека пред оставката ќе бидат донесени важни одлуки за да можат државните институции во преодниот период непречено да функционираат.
Да потсетиме, во саботата, неколку илјади граѓани се собраа во главниот град Алжир, на протести преку кои побараа алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика да отстапи од функцијата.
Граѓаните се собраа на плоштадот Ал-Берид во Алжир, носејќи транспаренти на кои пишуваше: „Војската и народот се браќа“, „Конечно се слуша и гласот на војската“.
Пред две недели, по неколкунеделните протести против планот на претседателот да се кандидира за петтиотмандат, 82-годишниот Бутефлика ги одложи изборите закажани за 18 април и ја повлече својата кандидатура.
Граѓаните на Алжир продолжија со масовни демонстрации во неколку градови, обвинувајќи го Бутефлика за неуставно продолжување на неговиот четврти мандат на позицијата претседател, кој треба да истече следниот месец.
Во февруари, алжирскиот Национален либерален фронт го кандидираше Бутефлика за петтиот претседателски мандат. Бутефлика е претседател на Алжир од 1999 година. Опозицијата продолжува да врши притисок врз претседателот да се воздржи од оспорување на одржувањето на претстојните избори.