Muhammed Emin Canik
27 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
БУЕНОС АРИЕС (АА) - Истражниот одбор на бразилскиот Сенат го прифати конечниот извештај во кој претседателот Жаир Болсонаро е обвинет за девет кривични дела, поврзани со одговорот на пандемијата на коронавирусот, вклучително и злосторство против човештвото, јавува Агенција Анадолија (АА).
Членовите на Одборот го усвоија извештајот со седум гласови „за“ и четири „против“. Извештајот ќе биде доставен до државниот обвинител Август Арас, кого го именуваше претседателот и до судијата на Врховниот суд, Александре де Мораес, со барање за започнување на судска постапка против Болсонаро.
Во извештајот се товарат 80 лица, меѓу кои и синовите на Болсонаро, министри и поранешниот бразилски министер за здравство.
Според извештајот, Болсонаро повеќепати ја охрабрувал јавноста да не ги почитува мерките за социјална дистанца, се противел на користењето маски и предизвикувал метежи. Во извештајот е побарано и суспендирање на неговите профили на социјалните мрежи на неопределено време поради ширење на лажни информации.
Тој се товари и за кршење на превентивните санитарни мерки, за шарлатанство, за поттикнување на кривични дела, фалсификување на приватни документи, нерегуларно користење на јавни средства, проневера и кршење на социјалните права.
Минатата недела, Фејсбук и Инстаграм ги отстранија видеата на Болсонаро, а Јутјуб привремено го суспендира профилот на претседателот поради неговите изјави против Ковид-19 во текот на пренос во живо.