Ekip
23 Јануари 2021•Ажурирај: 23 Јануари 2021
МОГАДИШУ
Во сомалискиот главен град Могадишу е извршен бомбашки напад врз возилото на поранешниот пратеник Хасан Афрах, при што, според првичните сознанија, загинале 5 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите до кои дојде новинарот на АА од безбедносни извори, експлодирала мина поставена покрај патот при минувањето на возилото на Афрах во местото Шибис во Могадишу.
Според првичните сознанија, во експлозијата загинале 5 лица, а повредени се 3 лица, меѓу кои и Афрах.
Безбедносните сили се упатија на местото на настанот, а Владата сè уште не излезе со официјална изјава во врска со случајот.
Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Инаку, во последната недела во Могадишу беа извршени напади врз тројца градоначалници.
Терористичката организација „Еш Шебаб“ често врши напади врз безбедносните сили и цивилните населени места во Сомалија.