свет

Бозкир: „ОН мора да дејствуваат да спречат криза пред таа да се случи“

„Мораме да им дадеме поголема политичка способност на ОН. Рамнотежата помеѓу Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност мора да се воспостави на соодветен начин“

Aysu Biçer  | 06.12.2021 - Обновена : 07.12.2021
Бозкир: „ОН мора да дејствуваат да спречат криза пред таа да се случи“ Фото: АА/Архива

ИСТАНБУЛ (АА) - Обединетите нации (ОН) мора да се вклучат во превентивната дипломатија за да се запре кризата пред таа да се случи, изјави денес претседателот на 75-то Генерално собрание на организацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Мораме да им дадеме поголема политичка способност на ОН. Рамнотежата помеѓу Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност мора да се воспостави на соодветен начин“, рече Волкан Бозкир на 12-тиот Босфорски самит во Истанбул.

„ОН мора да дејствуваат пред да се појави проблем“, рече тој, додавајќи дека Авганистан е најновиот пример за таков проблем што бара претходна акција, бидејќи како што рече, знаеле дека проблемот доаѓа.

„Воените мерки нема да ги задоволат само потребите на меѓународното тело, туку мора да има механизам за запирање на кризата пред да се случи“, рече тој.

- Светот се соочува со неколку предизвици -

Според Бозкир, пандемијата на Ковид-19 предизвикала многу проблеми низ светот, покрај многуте економски и здравствени тешкотии што ги создаде.

„Мислам дека тоа беше аларм за нас. Не бевме подготвени за вакви сценарија. Бевме многу успешни во достигнувањето до вакцината, но дистрибуцијата на вакцината е катастрофа“, рече тој.

Исто така, нагласи дека проблемот со гладот мора итно да се реши.

„Гладот ќе биде со нас во наредните месеци, ако не и години. Ако ги погледнеме Авганистан и Јемен, ако погледнеме во Африка, мислам дека мора итно да преземеме чекори барем да најдеме начин да им помогнеме на овие луѓе кои немаат свој начин на справување со оваа криза.“

Тој се осврна и на важноста на дигиталното поврзување.

„Не можеме да зборуваме за образование ако немаме дигитално поврзување. Само во САД, над 40 милиони луѓе немаат поврзаност со Вај-фај“, рече тој.

„Што да се зборува за дигиталното поврзување во африканските земји, каде што 800 милиони луѓе немаат пристап до електрична енергија“, додаде поранешниот шеф на Генералното собрание.

Денес во Истанбул започна 12-тиот Босфорски самит, годишен меѓународен економски настан.

Дводневниот настан, организиран од Платформата за меѓународна соработка (ICP), се одржува на тема „Предизвици за подобар свет“, и на него се очекува да присуствуваат највисоки претставници, експерти и универзитетски професори.

Самитот ќе се осврне на различни теми, вклучувајќи ги надворешните економски односи, исламските финансии, иновациите и одржливоста во воздухопловството.

Ќе се разговара и за кибербезбедноста, земјоделството, зелената енергија, климатските промени и раселените лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.