Gözde Bayar
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
МЕЛБУРН (АА) - Билансот на загинати во повеќекратните експлозии во неколку цркви и хотели во Шри Ланка порасна на 290 лица, пренсува Anadolu Agency (AA).
Според Австралиската радиодифузна корпорација, вкупниот број на загинати изнесува 290, додека над 500 лица се повредени откако повеќе бомби експлодираа во текот на вчерашниот ден, Велигден, во Шри Ланка.
Бомбашките напади се изведени на осум различни локации, меѓу кои и цркви каде што христијаните го чествуваа католичкиот Велигден, како и хотели со пет ѕвезди во главниот град Коломбо.
Вчераутро, цел на нападите беа црквите во Кочикаде, Негомбо и Батикалоа, како и хотелите „Кингсбери“, „Синамон Гранд“ и „Шангри Ла“ во Коломбо.
По експлозиите, на Меѓународниот аеродром „Бандаранаике“ во Коломбо беа распоредени специјални полициски сили со цел спречување на евентуални напади.
Полицијата на Шри Ланка соопшти дека е пронајдено комбето со кое се верува дека се превезувале сторителите и експлозивот во Коломбо, а возачот доцна синоќа е пронајден и уапсен во градот Велавате, во западниот дел на земјата.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, ги повика граѓаните да останат смирени и истакна дека дал инструкции на властите за итно стапување во акција.
Во меѓувреме, Динендра Руван Виџеварден, министерот за одбрана на Шри Ланка, соопшти воведување на полициски час низ земјата во траење од 12 часа.
Тој ги опиша серијата бомбашки напади како терористички напади организирани од страна на екстремисти.
Како што јави „Дејли њус“ („Daily News“), во земјата биле блокирани и социјалните мрежи и апликациите за пораки со цел спречување на ширењето погрешни информации и шпекулации.
- Странци меѓу загинатите -
Министерот за образование, Акила Вираџ Каријавасам, објави дека училиштата ќе бидат затворени следните два дена.
Седмата експлозија се случи во хотел со три ѕвезди во близина на Зоолошката градина во Дехивала.
Осмата и последна експлозија се случи во куќа во предградието Дематагога во Коломбо, при обид за рација од страна на полицијата во врска со истрагата за експлозиите.
Локалниот медиум „Дерана“, цитирајќи полициски извори, објави дека неколкумина осомничени се уапсени во врска со бомбашките напади.
Министерот за надворешни работи на Шри Ланка соопшти дека најмалку 27 странски државјани се убиени во нападите, додека петмина се водат за исчезнати.
Досега ниту една група не презеде одговорност за нападите.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, во неговиот дом свика состанок на Советот за национална безбедност.
„Остро ги осудувам кукавичките напади денес. Ги повикувам жителите на Шри Ланка во текот на овие трагични моменти да останат обединети и силни“, напиша тој на Твитер.
Безбедносните сили на Шри Ланка водеа судири против Тамилските тигри (LTTE), герилска организација која се бореше за одделување на тамилската држава во северниот дел на островот и делови од источниот дел на земјата, кои завршија во мај 2009 година.
Инаку, во земјата живеат околу 1,5 милиони христијани, од кои мнозинството се католици, што претставува околу 7 отсто од вкупната популација во земјата.