Burak Karacaoğlu,Mohamad Misto,Eşref Musa
28 Декември 2017•Ажурирај: 29 Декември 2017
ИСТОЧНА ГУТА/ИДЛИБ (АА) - Бебето Карим во нападот на режимот на Башар ал-Асад во окупираната Источна Гута во Сирија остана без својата мајка и без левото око, а сега може да го загуби и другото око.
Таткото на бебето, Ебу Мухамед, во изјава за Anadolu Agency (AA) истакна дека бебето Карим не може да се лекува поради окупацијата и пренесе дека се соочува со ризик од губење и на десното око поради гнојот во левото око, кое го загуби во нападот.

„Како што велат лекарите, доколку гнојот собран во делот на левото око се префрли во десното око, ќе го загуби и тоа“, рече Мухамед додавајќи дека не можат да најдат лекови. Тој истакна дека посакува неговиот син да биде лекуван надвор од Источна Гута.
- „Што ќе ми се пари кога нема лекови?“ -
„Приказната на Карим беше објавена секаде. Доби бројна поддршка ширум светот. Упатувам благодарност до сите кои ја изразија својата солидарност кон Карим. Но тоа не е доволно. Не само Карим, туку стотици деца како Карим имаат потреба од евакуација од Источна Гута (поради лекување)“, истакна Мухаммед.
„Лекарите направија сѐ што можат. Но, Карим треба да се лекува надвор од окупираната Источна Гута, со цел да не го изгуби и другото око. Дојдоа хуманитарни организации, рекоа дека ќе помогнат. Што ќе ми се пари кога нема лекови?“, додаде тој.

Бебето Карим ја загуби својата мајка и левото око во напад на Асадовиот режим во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, и доживеа тешка повреда на главата.
Откако Anadolu Agency (AA) излезе со веста за приказната на ова бебе и сподели фотографии од него, над 5 милиони лица од Турција и од светот преку социјалните мрежи ја изразија својата солидарност со Карим.