Ekipa
20 Декември 2017•Ажурирај: 20 Декември 2017
АСТАНА/АНКАРА (АА) - Во главниот град на Казахстан, Астана, утре и задутре ќе биде одржан 8. круг преговори за кризата во Сирија, за време на кој ќе се разговара за ослободувањето на заробениците, за непрекинатото доставување хуманитарна помош, но и кршењето на примирјето во зоните без судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за надворешни работи на Казахстан е соопштено дека претставниците на земјите-гаранти (Турција, Русија и Иран), опозицијата, режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, но и набљудувачите започнале да пристигнуваат во Астана, каде што утре ќе бидат одржани билатерални и трилатерални состаноци.
Статус на набљудувач имаат делегациите на ОН, САД и на Јордан.
Се очекува страните да усвојат документи за ослободување на уапсените, преземање на телата и потрага по исчезнатите. Делегациите, меѓу останатото, ќе разговараат и за ситуацијата во зоните без судири.
„Страните имаат намера да усвојат заедничка декларација за отстранување на мини од подрачјата во Сирија, кои се наоѓаат на листата на културно наследство на УНЕСКО“, се вели во соопштението на минстерството.
Новинарот на АА од извори кои присуствуваа на состанокот дознава дека на преговорите ќе се разговара за подготовките за Сирискиот конгрес за национален дијалог, што ќе се одржи во Сочи.
Овие преговори би можеле да бидат последни во Астана, а продолжението би можело да се одржи во Сочи.
Завојуваните страни, исто така, може да зборуваат за киднапирањето цивили од Источна Гута, која се наоѓа под опсада, но и за хуманитарната криза во областа.
Силите на режимот продолжуваат со нападите врз Источна Гута, руралните области во јужниот дел на Идлиб, северно и источно од Хама, но исто така и во Бејт Џин кој се наоѓа во близина на границата со Дамаск и Кунејтре.
На првите преговори во Астана од 23-24. јануари, беше договорено да се воспостави трилатерален механизам за надзор и спроведување на примирјето. Следните неколку преговори овозможија во голема мера сопирање на судирите кои во Сирија траат повеќе од шест години.
На разговорите во Астана на почетокот од мај, беше договорено да се формираат четири зони без судири на местата на најголемите судири во Сирија. Со договор меѓу Русија и САД, Дераја и Кунејтра беа прогласени за безбедни зони, а за овие региони се водат посебни преговори. Во јули, Русија, испрати полициски сили да го контролираат спроведувањето на примирјето во овие региони.
Паралелно со тоа, руското Министерство за одбрана на почетокот на јули објави дека е прогласен прекин на судирите во Источна Гута, во близина на Дамаск, но на почетокот од август беше откриено дека овој договор е потпишан од само една бунтовничка група.
На последниот круг преговори одржани од 30 до 31 октомври, било договорени се активности за постигнување на резултати околу ослободување на уапсените и заробените, за воспоставување на континуирана испорака на хуманитарна помош и нејзино зголемување.