Ayşe Hümeyra Atılgan
28 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Европскиот комесар за хуманитарна помош и управување со кризи, Христос Стилианидис, денес ја нагласи потребата од итно завршување на сириската граѓанска војна, критикувајќи ги нападите врз хуманитарните конвои, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога на конвоите се стрела со намера, речиси е невозможно да се достави хуманитарна помош. Никогаш не сме чувствувале таква итна потреба да се заврши ова лудило. Итно мораме да пронајдеме политичко решение за оваа војна”, изјави тој во интерву за АА.
Стилианидис се осврна на нападот на 19 септември кога сириската арапска Црвена полумесечина која управува со конвоите на ОН доставуваше хуманитарна помош на речиси 300.000 опколени жители во Алепо.
Во извештаите во однос на жрвтите, Сирискиот обзерваториум за човекови права со седиште во Лондон потврди дека во нападот се убиени 12 лица вклучувајќи и хуманитарни работници и возачи на камиони. Во медиумските извештаи се наведува дека биле погодени 18 од вкупно 31 камион.
„Се покажа дека се достигнати нови длабочини во начинот на кој се спроведува војната. Загрижувачки е тоа што покажува дека сега постои вистински модел на напаѓање на хуманитарните конвои и хуманитарните работници. Ова е подмолно”, рече Стилианидис.
Стилианидис беше во Турција да го потпише, како што рече, „најголемиот хуманитарен проект на ЕУ”.
Проектот за итна општествена безбедносна мрежа (ЕССН) е програма која им овозможува на бегалците да добијат електронски картички со месечни префрлања на пари, и претставува дел од посветеноста на ЕУ во поддршката на Турција во однос на бегалската криза.
„Со 348 милиони долари, имаме намера да опфатиме 1 милион од најранливите бегалци во Турција. За оние кои се сиромашни, кои немаат друг извор на приход, или кои се со посебни потреби”, изјави Стилианидис, додавајќи дека до наредната година ЕССН ќе се финансира дополнително.
Комесарот на ЕУ ја пофали извонредната улога на Турција во справувањето со бегалската криза.
„Народот на Турција и Владата се неверојатно дарежливи - пречекување на три милиони бегалци, давајќи им пристап до клучните услуги како што се здравството и образованието, и давајќи им пристап до пазарот на трудот”, рече тој.
Стилианидис исто така ја пофали ефективната и професионална работа на турската Црвена полумесечина и турската Дирекција за справување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD) во камповите и за многуте бегалци кои живеат надвор од камповите.
Турскиот министер за европски прашања и главниот преговарач со ЕУ, Омер Челик, во понеделникот изјави дека турската Влада и локалните невладини организации потрошиле повеќе од 25 милијарди долари за речиси три милиони бегалци згрижени во земјата од 2011 година.