Rauf Maltaş
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
ШАНЛИУРФА (АА) - РАУФ МАЛТАШ - Претседателот на организацијата „Хуманитарна платформа“ Осман Герем, која од почетокот на кризата во Сирија е една од организациите што има испратено најмногу помош во земјата, рече дека прекинот на испораката на хуманитарната помош значи луѓето во Сирија да бидат оставени да умрат, јавува Anadolu Agency (AA).
Герем за дописникот на АА соопшти дека во последните 6 години, во Сирија се испратени 267 транспортни камиони со хуманитарна помош.
„Добронамерниот турски народ низа години дава сериозна поддршка на платформата за доделување хуманитарна помош на загрозените“, рече Герем и додаде дека во последите два месеца, поради непостоењето на хуманитарен коридор, не се во можност помошта на безбеден начин да ја испорачаат од другата страна на границата.
- „Последната хуманитарната помош беше бомбардирана“ -
Герем истакна дека ОН треба колку што е можно поскоро да го отворат хуманитарниот коридор на еден безбеден начин. „Последниот хуманитарен конвој беше бомбардиран од страна на некои сили. Ние сме крајно вонемирени поради фактот што во конвојот од 20 транспортни камиони, загинаа 12-мина. Потребно е ОН прво да овозможи безбедност за луѓето што ја доставуваат помошта. Прекинот на хуманитарната помош значи луѓето во Сирија да бидат оставени да умрат. ОН не треба да ја прекине испораката на помошта поради тоа што се бомбардирани 20-те камиони со хуманитарна помош. Децата и луѓето во Сирија се гладни и во многу лоша состојба. Потребно е целиот свет, особено Западот со помош на коалициските сили, на безбеден начин да овозможи испорака на хуманитарната помош до луѓето што се во незавидна ситуација во Сирија“, рече Герем.
Герен се надева дека операцијата „Штитот на Еуфрат“ ќе овозможи да се отвори хуманитарниот коридор во Сирија.
- „Ни се отежнува работата“ -

Портпаролот на платформата, Јусуф Мерт, по прекинот на хуманитарната помош за Сирија изјави:
„Сѐ додека не се отвори хуманитарниот коридор, нашата работа е отежната. На сириска страна, во руралните подрачја каде што се поставени бегалските населби има фурни, но ние не можеме да извршиме испорака на брашно. Семејствата кои се во камповите се во многу незавидна ситуација. Овие денови имаме по неколку стотици телефонски повици, ја очекуваат нашата помош. Од наша страна сѐ е подготвено, но не може да се премине границата. Се надевам дека и тоа ќе се реши. Посакуваме ОН да овозможи безбеден и редовен хуманитарен коридор. Откако ќе се отвори коридорот, Турција повторно ќе продолжи со интензивна испорака на хуманитарна помош до најзагрозените во Сирија“.