Ayşe Sümeyra Aydoğdu
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
КАИРО (АА) - Претседателот на Египет, Абдулфетах ес-Сиси, побара да се најде решение за ситуациите во Сирија и во Палестина, истакнувајќи дека постои вистинска можност да се најде решение за палестинското прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
На Генералното собрание на ОН во Њујорк зборуваше претседателот на Египет, Сиси, кој истакна: „Подрачјето на Средниот Исток е разбранувано од големи судири. На врвот од сето тоа е тажната ситуација во Сирија. Кризата во државата беше причина за смрт на илјадници луѓе и отвори пат за раселување на милиони мигранти. Од нив, половина милион се во Египет“.
Претседателот Сиси го искажа своето задоволство за постигнатиот прекин на огнот во Сирија, кој го договорија САД и Русија, и повика на повторно започнување на преговорите што ќе го сочуваат единството на Сирија и ќе го спречат хаосот во земјата.
Според него, тензиите меѓу Арапите и Израел се суштината на нестабилноста на Средниот Исток, истакнувајќи дека е потребно веднаш да се најде решение за да се запре окупацијата на палестинската територија.
Зборувајќи за тензиите меѓу Палестина и Израел, египетскиот претседател Сиси рече дека е потребно Израел да отвори една нова, бела страница и да ги започне акциите со кои би го прифатил мирот, додавајќи дека постои вистинска можност да се најде решение за палестинското прашање.