Анкета покажa дека коалициската Влада на германскиот канцелар Мерц ја губи довербата на гласачите
- Според анкетата на Институтот „Форса“, довербата во конзервативниот лидер Мерц се намалила на 32 % – 6 % поени помалку во споредба со мај 2025, кога неговата конзервативно-левичарска коалиција ја презеде власта.
БЕРЛИН (АА) – Довербата во сите клучни политички фигури од коалициската Влада на германскиот канцелар Фридрих Мерц бележи значителен пад во декември, покажува нова анкета објавена денес, јавува Анадолу.
Резултатите укажуваат на сериозна ерозија на поддршката само седум месеци по стапувањето на Владата на должност.
Според репрезентативната анкета спроведена од Институтот „Форса“, довербата во конзервативниот лидер Мерц се намалила на 32 % – шест процентни поени помалку од мај 2025, кога неговата конзервативно-левичарска коалиција ја презеде власта.
Пад е забележан и кај вицеканцеларот Ларс Клингбајл од Социјалдемократската партија (СПД), чиј рејтинг на доверба се намали од 41 % во мај на 36 % во декемвриската анкета. Дури и министерот за одбрана Борис Писториус – долго време сметан за најпопуларен германски политичар – изгубил пет процентни поени, па неговата доверба паднала на 57 %.
Во изминатите месеци коалицијата се соочува со зголемени внатрешни тензии. Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на Мерц и коалицискиот партнер СПД се судрија околу миграцијата, реформата на воената служба, пензиските промени и буџетските приоритети – несогласувања што дополнително ја разнишаа перцепцијата за стабилноста на Владата.
Падот на довербата се одрази и во рејтингот на политичките партии. Крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) се искачи на 26 % и моментално е најсилната политичка сила во земјата, покажува најновата анкета на Форса.
Конзервативците на Мерц (ЦДУ/ЦСУ), кои победија на вонредните избори во февруари со 28,5 %, паднаа на 24 %. СПД бележи пад на 14 %, под изборниот резултат од 16,4 %. Зелените имаат поддршка од 12 %, а Левицата 11 %.
Владата на Мерц ја очекува значаен политички тест во 2026 година, кога ќе се одржат избори во пет сојузни покраини. Баден-Виртемберг и Рајнска Палатина гласаат во март, Саксонија-Анхалт во јуни, а Берлин и Мекленбург-Западна Померанија во септември.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
