Esra Tekin
25 Декември 2024•Ажурирај: 25 Декември 2024
ДЕИР ЕЗ-ЗОР/АНКАРА - Анадолу ги сними урнатите клучни мостови и премини што се протегаат над реката Еуфрат во Деир ез-Зор, град во Источна Сирија, уништен од интензивните напади на режимот за време на 13-годишната граѓанска војна во земјата.
Како резултат на одделните бомбардирања од страна на силите лојални на сега соборениот режим на Башар ал Асад и коалицијата предводена од САД против терористичката организација ДЕАШ, мостовите, премините и многу згради во Деир ез-Зор се целосно уништени.
Степенот на уништување во градот што сѐ уште е во урнатини излезе на виделина откако антирежимските групи ја презедоа контролата над градот по падот на режимот на Асад на почетокот на овој месец.
Бидејќи мостовите што ги поврзуваат источните и западните брегови на Еуфрат, вклучително и историскиот висечки мост во Деир ез-Зор, се во урнатини, локалното население мораше да користи траекти и чамци за да ја премине реката што го дели центарот на градот од руралните подрачја на североисток.
- Пресечени линиите за спасување -
Васим ал-Ахмад, жител на Деир ез-Зор, за Анадолу раскажа дека историскиот висечки мост, познат и како Мост Ал-Муалак, е клучна врска помеѓу градот и неговата рурална периферија.
Некогаш им овозможуваше на пешаците лесно да минуваат, а целосно е неупотреблив откако беше цел на напад на коалициските сили.
„Линиите за спас во Деир ез-Зор се прекинати. Овој дел од градот е целосно изолиран. Речиси е невозможно да се премине на другата страна“, изјави Ал-Ахмад.
Тој додаде дека неколку други мостови, кои некогаш секојдневно ги користеле жителите, биле бомбардирани од режимските сили. „Така, двете страни на Деир ез-Зор целосно се изолирани една од друга. Ова се случи пред многу години, но сè уште се чувствуваат последиците од тоа.“
- Нарушен живот -
Мунир Саир ал-Мајдан, кој живее во руралното подрачје на покраината Деир ез-Зор, говореше за проблемите што кај локалното население ги предизвикало уништувањето на мостовите.
Транспортот е особено тешко погоден бидејќи веќе не е возможно да се премине од едната на другата страна на Еуфрат во ист ден, рече Мајдан.
Тој раскажа дека во минатото жителите лесно можеле да минуваат пешки или со мотоцикл, без да имаат потреба од автомобил.
„Сега, поради уништувањето на мостовите, воопшто не може да преминеме. Ограничени сме само на траекти. Ова е сериозен проблем за нас, локалното население“, рече тој.
Повикувајќи на итни чекори за обнова на мостовите, тој истакна: „Потребно ни е долгорочно решение бидејќи овој проблем се одразува на нашиот секојдневен живот.“
Башар ал Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата над Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Преземањето на власта дојде откако борците на Хајат Тахрир ал-Шам ги освоија клучните градови во молскавична офанзива што траеше помалку од две недели.