Hacer Başer
05 Јули 2020•Ажурирај: 06 Јули 2020
АЛЖИР (АА) - Алжирскиот премиер, Абдулазиз Џерад, изјави дека черепите на алжирските побуненици, кои се наоѓаат во Музејот на човекот во Париз, ќе бидат вратени во Алжир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џерад во изјавата за државната телевизија во врска со враќањето на 24 останки од алжирските побуненици, кои се наоѓаат во Франција веќе 170 години, рече: „Се надевам дека ќе ги вратиме и другите черепи. Ги има над 500.“
Алжирската администрација веќе четири години преговара со Франција во врска со враќањето на архивските документи и останките од телата на побунениците.
Меѓу другото, алжирската администрација од Франција бара обештетување за жртвите од нуклеарните експерименти извршени од Франција во алжирската пустина во периодот од 1960 до 1966 година.
Исто така, со Франција се преговара и за 2.200 Алжирци изгубени во Војната за независност од 1954 до 1962 година.
Тајиб Зејтуни, министер за воени ветерани на Алжир, во изјавата дадена на почетокот на оваа година рече дека разговорите се прекинати поради несериозноста на Франција.
Во Музејот на човекот во Париз има 18.000 черепи за кои се вели дека биле донесени од многу делови на светот.
Утврдено е дека 36 од 500-те черепи што биле идентификувани припаѓаат на алжирските побуненици, кои биле убиени во средината на 19. век, кога Франција започнала да го колонизира Алжир.
Организациите за човекови права и историчарите наведуваат дека Франција за време на колонијалниот период од 1830 до 1962 година извршила масакр врз Алжирците и стотици илјади луѓе биле депортирани.
Здружението за човекови права на Алжир истакна дека за време на француската колонизација биле убиени околу 10 милиони луѓе.