Fatjon Cuka
17 Март 2018•Ажурирај: 18 Март 2018
ТИРАНА (АА) - Во полициска операција во Албанија која беше реализирана во текот на денот против шверц со луѓе со цел да мигрираат кон САД, Канада и Обединето Кралство, приведени се 39 албански државјани, меѓу кои и четири вработени лица во полицијата во Албанија, а се трага по 12 други лица, меѓу кои и двајца бугарски државјани, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот началник на албанската Полиција, Арди Велиу, на прес-конференција, говореше околу деталите на операцијата. Тој нагласи дека операцијата е реализирана во координација со специјалните агенти на аташето на Дипломатската услуга за безбедност при Стејт департментот на САД во Тирана.
„Резултатите од направените истражувања покажаа дека 7 структурирани криминални групи, кои оперираат во Албанија, Бугарија, Шпанија, Франција, Доминиканска Република, Италија, Британија, Ирска, САД и Канада, овозможиле шверц на околу илјада лица (албански државјани) кон Обединето Кралство, САД, и Канада. За секое лице се плаќало по 7.000 фунти за во Обединето Кралство, и од 25.000 до 30.000 долари до САД и Канада“, рече Велиу.
Според Велиу, приведените лица им помагале на албанските државјани заинтересирани да мигрираат на илегален начин кон различни земји, фалсификувајќи патни исправи и лични карти на земјите од Европската унија (ЕУ).
Операцијата на Албанската Полиција е реализирана во соработка со ЕУРОПОЛ, Интерпол, Косовската Полиција, како и со канадските, шпанските, француските и италијански власти.