Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
17 Март 2018•Ажурирај: 18 Март 2018
ИДЛИБ (АА) - Во воздушниот напад на режимот на Асад извршен во подрачјето на Мааретинуман, во јужното рурално подрачје на Идлиб кој се наоѓа во зоната без судир, загинаа четири лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Воените авиони на Асадовиот режим извршија воздушен напад во подрачјето на Мааретинуман кое се наоѓа во јужното рурално подрачје на Идлиб. Во нападот загинаа четири цивили, од кои 3 се жени, додека 6 цивили се повредени“, истакна во изјава за АА Мустафа Хаџ Јусуф, директор на Цивилната одбрана во Идлиб.
Во воздушните напади извршени последната недела во цивилните населени места во Идлиб и Хама загинаа 21 цивил, а се повредени 51.
Советот за безбедност на ОН, со усвојување на Резолуцијата на 24 февруари, побара да се прогласи хуманитарно примирје за цивилите низ Сирија, а пред сè, во Источна Гута. Но не беше дефинирано како ќе биде спроведено барањето за спроведување „итен“ прекин на огнот.
Русија, по одлуката на Советот за безбедност на ОН, на 27 февруари соопшти дека во периодот од 9:00 до 14:00 часот, секојдневно воведува хуманитарен прекин на огнот, тврдејќи дека режимот ќе ја почитува оваа одлука.