Ekipa
27 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
КОКС БАЗАР (АА) - Вицепремиерот на Република Турција, Реџеп Акдаг, ги посети бегалските кампови во Бангладеш, во коишто се сместени араканските муслимани пребегани од соседен Мјанмар, а една од главните теми на разговорот беше кампот што Турција планира да го изгради за згрижување на 100.000 бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Акдаг за АА изјави дека турскиот претседател издал низа инструкции за да му се помогне на обесправеното муслиманско малцинство во Мјанмар и оти за тоа е разговарано со официјалните лица на Бангладеш.
На состанокот со министерот за вонредни состојби и хуманитарни активности, Мофазал Хусеин Чудхури, Акдаг во името на Турција понуди изградба на камп за бегалците, амбуланти и водоводна инфраструктура.
Бангладеш досега прими речиси половина милион мјанмарски бегалци, а турскиот вицепремиер Акдаг изјави дека Турција само чека дозвола за земјиште и оти веднаш ќе ја започне изградбата на кампот за згрижување на 100.000 бегалци.
„Покрај капацитетот за сместување, комплексот на кампот ќе овозможува и здравствени услуги. Планираме да изградиме и две болници. Во овој момент, тешко е прецизно да се каже колку ќе чини, но можеме да кажеме дека за изградбата на кампот ќе бидат потребни меѓу 40 и 50 милиони долари, а исто толку и за едногодишно подмирување на трошоците за потребите на лицата што ќе бидат сместени во кампот“, изјави Акдаг.
Потсетувајќи дека араканските бегалци и Бангладеш претходно ги посети и првата дама на Турција, Емине Ердоган, Акдаг изјави дека е продолжено доставувањето на хуманитарна помош кое при таа средба беше договорена и започната.
Во тој регион дејствуваат и Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), Црвената полумесечина и Дирекцијата за управување со кризи и вонредни состојби (АФАД). Акдаг изјави дека тие институции дневно доставуваат топол оброк за најмалку 60.000 бегалци.
„Турција и понатаму ќе го пренесува гласот на араканските муслимани во светот. Ќе продолжиме да работиме на создавање услови за враќање на бегалците во регионот од којшто се протерани“, порача Акдаг.
Ресорниот министер на Бангладеш, Маја, упати зборови на благодарност до Турција, за сесрдната помош и згрижувањето на бегалците од Аракан, и нагласи дека Турција е првата земја што гласно прозборе за обесправеноста и насилствата со коишто се соочуваат муслиманите во Мјанмар.
„Турција прави многу за да помогне, но не гледаме дека тоа го прават и другите земји. Тој факт е нешто што привлекува внимание“, изјави Маја.