ЕРУСАЛИМ (АА) - Портпаролот на Агенцијата за палестински бегалци на ОН (UNRWA), Кристофер Гинес, изјави дека поради недостаток на средства биле пролонгирани многу активности на Агенцијата и дека палестинските бегалци ги чекаат тешки денови, јавува Anadolu Agency (AA).
Гинес, кој зборуваше за АА, предупреди дека поради финансиски проблеми би можело да дојде до прекин на пружање на услугите на здравствена помош и образование на Палестинците и на палестинските бегалци во околните земји.
Агенцијата за палестински бегалци на ОН (UNRWA), која со цел давање помош на палестинските бегалци, основана е во 1949 година, пружа рака за повеќе од 5,2 милиони регистрирани Палестинци во Палестина, Јордан, Либан и Сирија.

Речиси 1,3 милиони од овие бегалци се наоѓаат во Газа, која е под опсада, додека околу 800.000 живеат на Западниот Брег. Преостанатиот дел од палестинските бегалци се сместени во Сирија, Либан и Јордан.
Организацијата е активна на многу полиња, меѓу кои треба да се издвои образованието и здравствените услуги.
- Повеќе од 515.000 деца следат настава во училиштата на Агенцијата -
Податоците на оваа агенција покажуваат дека во Палестина, Јордан, Сирија и Либан, се наоѓаат 702 училишта поврзани со неа, во кои наставата ја следат повеќе од 515.000 палестински деца. Во овие училишта, од кои повеќето се наоѓаат во Газа и Јордан, работат повеќе од 21.000 наставници и други вработени.
Повеќе од 3 милиони палестински бегалци здравствени услуги добиваат во 143 здравствени установи, кои се во состав на Агенцијата.
Освен тоа, Агенцијата пружа помош во вид на финансиски средства и храна за неколку илјади палестински бегалци кои живеат под границите на сиромаштијата.
Портпаролот на Агенцијата, Гинес, изјави дека постои можност хуманитарните активности во Газа и на Западниот Брег да бидат прекинати поради финансиски потешкотии.
Тој предупреди дека следната година би можело да дојде до зголемување на бројот на палестинските бегалци, дека ќе бидат и повеќе оние на кои ќе им биде потребна помошта на Агенцијата. Додаде дека во блиска иднина палестинските бегалци би можеле да се соочат со потешка ситуација од онаа во која моментално се наоѓаат.
Изјави дека би можело да дојде и до затворање на училишта во Газа, на Западниот Брег и во Сирија.
„Во август би требало да започне новата школска година, но поради недостаток на средства, многу училишта, кои се во состав на Агенцијата, би можело да бидат затворени. Поради тоа, оваа година околу 270.000 деца во Газа, односно 50.000 на Западниот Брег, би можеле да останат надвор од клупите во училиштата поврзани со Агенцијата“, предупреди тој.
- На две третини од жителите на Газа им е потребна помош од Агенцијата за палестински бегалци -
Во Газа живеат околу 2 милиона луѓе, а на две третини од населението им е потребна помош од Агенцијата. Гинес посочи дека дел од активностите во Газа може да се пролонгираат, со што палестинските бегалци во областа ќе се соочат со уште потешка ситуација.
Гинес додаде дека Агенцијата морала да воведе мерки на штедење во областа на образованието, здравството и брзата помош кај палестинските бегалци во Јордан, Либан и Сирија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во декември минатата година, со изјавата дека неговата земја како главен град на Израел го признава Ерусалим, предизвика голем број јавни реакции.
Потоа на 16 јануари оваа година, Стејт департментот на САД објави дека ќе ја анализира помошта од 65 милиони американски долари, дел од 125-те милиони евра кои би требало да бидат дадени на Агенцијата за палестинските бегалци. Експертите сметаат дека Вашингтон ја донесе оваа одлука поради реакцијата на Палестинската управа за преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.
Од друга страна, Турција за Агенцијата обезбеди дополнителна помош од 10 милиони долари. Оваа земја, исто така, донесе одлука да обезбеди помош за Газа во форма на 26 тони брашно, во вредност од 10 милиони долари.
На меѓународната сцена, Турција ја интензивира потрагата по нов донатор, со цел да не мора да ја намали помошта за палестинските бегалци.
Исто така, Канцеларијата на премиерот на Република Турција започна кампања под слоганот „Биди надеж за Палестина“, од која корист ќе имаат палестинските бегалци.