свет

Австрија ќе го намали надоместокот за невработени на оние кои одбиваат да се вакцинираат против Ковид-19

Во случај лицата кои бараат работа да одбијат каква било понуда за вработување поради барањето да се вакцинираат, Австриската служба за вработување ќе има право да ги намали нивните надоместоци за невработени.

Aşkın Kıyağan  | 17.09.2021 - Обновена : 18.09.2021
Австрија ќе го намали надоместокот за невработени на оние кои одбиваат да се вакцинираат против Ковид-19

ВИЕНА (АА) - Лицата кои бараат работа во Австрија ќе ризикуваат да изгубат дел од надоместоците за невработени доколку ја одбијат понудата за работа која условува вработените да бидат вакцинирани против Ковид-19, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Австрискиот весник „Дер стандард“ (Der Standard) сподели писмо испратено на 25 август од австриското Министерство за труд до Австриската државна служба за вработување (AMS).

Во писмото се вели дека во случај лицата кои бараат работа да одбијат каква било понуда за вработување поради барањето да се вакцинираат, Австриската служба за вработување ќе има право да ги намали нивните надоместоци за невработени.

Во овој случај, бенефициите за невработени за оние кои бараат работа, а немаат медицински изговор да не се вакцинираат, може да бидат блокирани до шест недели.

Поради зголемувањето на бројот на дневни случаи во земјата, постепеното донесување на одредени мерки против Ковид-19, особено за луѓето кои не се вакцинирани, ја доведе потребата од вакцинација на дневен ред на многу работни места.

Додека во Долна Австрија, Виена и регионот Стирија беше воведено барање за вакцинација за оние кои ќе бидат вработени во одредени сектори, за многу работни места во приватниот сектор вакцинацијата стана услов за лицата кои сакаат да се вработат.

Иако целта од 70 отсто вакцинирано население во земјата е постигната, продолжуваат расправите дека прашањето за вакцинација е личен избор и дека таа не треба да биде задолжителна.

Во Австрија се регистрирани 2.198 нови случаи на коронавирусот, со што вкупниот број се искачи на над 718.000, а 14 лица ја загубија борбата против вирусот во последните 24 часа, со што бројот на починати достигна 10.870.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.