Alaattin Doğru
17 Септември 2021•Ажурирај: 18 Септември 2021
ПАРИЗ
Франција одлучи да ја откаже свечената вечера на пријателството меѓу САД и Франција што требаше да се одржи во Вашингтон, откако САД и Велика Британија ја запреа набавката на француски подморници од страна на Австралија, известува Агенција Анадолија (АА).
Амбасадата на Франција во Вашингтон објави дека е откажан свечениот прием во резиденцијата на амбасадорот Филип Етиен по повод пријателството меѓу САД и Франција што требаше да се одржи денеска (петок) во вечерните часови.
Се одбележува 240-годишнината од битката во Чесапик, што САД ја добија со помош на француската морнарица во војната за независност против Англија.
Во соопштението се наведува дека ќе се одржат сите други настани поврзани со 240-годишнината од Битката во Чесапик.
- АУКУС ја налути Франција
На прес-конференцијата одржана преку интернет на која учествуваа американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и австралискиот премиер Скот Морисон, објавена е информацијата дека овие три земји воспоставуваат нова безбедносна соработка под името АУКУС (AUKUS), и во овој контекст, САД и Велика Британија нуклеарната подморничка технологија ќе ја споделат со Австралија.
Со воведувањето на договорот АУКУС, запрена е програмата за борбени подморници што Австралија ја спроведува со Франција од 2015 година, а која во почетокот чинеше 43 милијарди долари, за потоа да достигна 90 милијарди долари, предизвикувајќи полемики во земјата.
На новонастанатата ситуација реагираа француските министри за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан и за одбрана, Флоренс Парли, изјавувајќи дека одлуката на австралиската Влада да ја прекине програмата за подморници со Франција и да се согласи да гради нуклеарна подморница со САД е спротивно на духот на соработка.