Dejan Maksimoviç
29 Март 2017•Ажурирај: 29 Март 2017
КВИНСЛЕНД (АА) - По силниот циклон Деби, околу 1.300 километри од североисточниот брег на Австралија се пред сериозна опасност од поплави, предупредија властите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Циклонот предизвика голема штета, донесе обилни дождови и предизвика прекин на струјата во околу 63.000 домови во Квинсленд. Поради тоа, австралискиот премиер Малколм Турнбул активираше план за одговор на катастрофата.
Временската прогноза за денес најавува 250 милиметри дожд, па властите ги предупредија луѓето да ги одбегнуваат патиштата за да не останат заробени во поплавата.
„Веќе имавме два случаја во кои луѓето останаа заробени во своите автомобили. Сега најголема грижа ни е како да ги спасиме загрозените од поплавите“, изјави Катарина Керол, комесарка на Протипожарната и итна служба на Квинсленд, пренесуваат британските медиуми.
Циклонот Деби го погоди копното помеѓу плажите Боувен и Ерли, како бура од четврта категорија, со налети на ветер до брзина од 263 километри на час, и сега тргнува кон внатрешноста на Австралија како тропска бура од понизок степен.
Анастасија Палаше, премиерката на Квинсленд, изјави дека засега е потврдено дека три лица се повредени, но и дека тој број би можел да се зголеми.
„Многумина утринава се разбудија и го видоа разорувањето што се случило во нивните заедници“, изјави Палаше.
Таа ги повика осигурителните куќи по катастрофата да се однесуваат кон луѓето со почит, и додаде дека без струја останале 63.000 домови.