Mustafa Melih Ahıshalı
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
БАМЈАН (АА) – Авганистанците сакаат да се заврши недовршената обнова на џиновските статуи на Буда и да оживее туризмот во долината Бамјан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Двете статуи на Буда се исклесани во песочната карпа на долината Бамјан во текот на 6 век, пред исламот да стигне до централните делови на Авганистан.
Некогаш тоа биле највисоките стоечки статуи на Буда во светот. Повисоката статуа била висока 55 метри, а пониската близу 38 метри.
Меѓутоа, уништени се по наредба на талибанскиот лидер Мулах Омар во март 2001 година. Со голема експлозија се разнесени на парчиња.
УНЕСКО во 2003 година, културниот пејзаж и археолошките остатоци на долината Бамјан истовремено ги впиша во Листата на светски градини и Листата на светски градини во опасност.

Иако УНЕСКО оцени дека нема доволно оригинални остатоци од материјалот за обнова, Меѓународниот совет за споменици и места „Икомос“ побара да се обноват статуите на Буда.
„Овде беа две статуи на Буда, но уништени се. Подоцна се донесе одлука за нивна обнова. Иако се преземени одредени чекори, нема постигнат напредок“, изјави за АА Абдулкадир Хакими, еден од домашните туристи кој ја посети долината.
Истакнувајќи ја важноста на историските и туристичките места за економскиот развој на неговата земја, Хакими рече дека туристите даваат придонес за економијата во регионот кој го посетуваат, и дека би доаѓале туристи од целиот свет доколку се обноват монументалните скулптури.
Уште еден од посетителите, Еманулах Махмуџаи, рече дека им е поугодно да се посетуваат туристичките подрачја, бидејќи сигурноста во Авганистан е воспоставена по скорешното, повторно доаѓање на талибанците на власт.
„Дојдовме да го видиме подрачјето каде што се наоѓаат статуите на Бамјан, бидејќи тоа е историско место. Ова е место кое вреди да се види. Ако се обнови, повеќе туристи би доаѓале и тоа би имало придонес за луѓето од регионот“, рече Махмуџаи.