Sayed Khodaiberdi Sadat
23 Јуни 2021•Ажурирај: 24 Јуни 2021
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот министер за надворешни работи, Мохамад Ханиф Атмар, изјави дека талибанците ги интензивирале нападите со повлекувањето на странските сили од земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Атмар на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Авганистан изјави дека талибанците со месеци не учествувале во „многу значајните“ мировни преговори.
Тој истакна дека нападите на талибанците се интензивирале со повлекувањето на странските сили од земјата.
Атмар напомена дека тие напади се особено насочени кон цивилите.
Авганистанскиот министер нагласи дека талибанците не ја исполниле својата обврска да ги прекинат врските со регионалните и меѓународните терористички групи.
Нападите продолжуваат, како и неизвесноста на мировниот процес во Авганистан.
Авганистанскиот Совет за национална безбедност објави минатата недела дека талибанците во мај извршиле 1.455 напади во кои има најмногу цивилни жртви.
Авганистан е средиште на длабока повеќедецениска политичка и безбедносна криза, што се рефлектира во борбата за превласт меѓу талибанското движење и владините сили.
Талибанското движење во изминатите два месеца ја презеде контролата во најмалку 35 подрачја во Авганистан. Според податоците на Обединетите нации, талибанците моментално контролираат меѓу 50 и 70 отсто од територијата на Авганистан, не сметајќи ги централните делови на големите градови.