Sayed Khodaiberdi Sadat
13 Август 2021•Ажурирај: 14 Август 2021
КАБУЛ
Талибанците презедоа контрола над центрите на покраините Бадгис, Гор и Хелманд, во јужниот и западниот дел на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалниот претставник од Бадгис, Абдул Азиз Бек, во изјавата за медиумите изјави дека талибанците вчера во утринските часови ги интензивирале нападите на градот Кала-е Нау, центарот на Бадгис.
Тој додаде дека талибанците рано изутрина воспоставиле контрола врз центарот на градот, додека безбедносните сили се позиционирани во воениот камп недалеку од градот.
Тој појасни дека речиси поголемиот дел од Бадгис, со исклучок на еден воен камп, преминал под контрола на талибанците.
Претставничката од Гор, Фатима Кохистани, изјави дека талибанците синоќа ги интензивирале нападите врз Феруз Кох, центарот на покраината Гор.
Кохистани додаде дека центарот на градот утринава паднал под контрола на талибанците, а дека безбедносните сили, без влез во судир, се повлекле од градот.
Талибанците презедоа контрола и над градот Лашкар Гах, центарот на покраината Хелманд.
Претставникот Мирваис Кадем наведува дека талибанците пред околу 20 дена започнале да извршуваат напади во намера да го заземат Лашкар Гах.
„Безбедносните сили синоќа беа принудени да се повлечат од центарот на градот. Моментално градот Лашкар Гах премина под контрола на талибанците. Безбедносните сили се наоѓаат на Аеродромот „Шорабак““, додава Кадем.
Исто така, синоќа талибанците презедоа контрола и врз центарот на Кандахар, вториот најголем град во Авганистан.
Талибанците синоќа презедоа контрола и врз центарот на покраината Херат и градот Газни.
По одлуката на САД да се повлечат од Авганистан, со неуспешни мировни преговори меѓу авганистанските власти и талибанците, талибанците ги засилија нападите.
Од јуни, тие окупираа десетици области, по што се упатија кон провинциските центри.
Заранџ, центарот на Нимруз, провинција на границата меѓу Авганистан и Иран, е првиот регионален центар окупиран од талибанците. Авганистанските сили ја загубија контролата врз вкупно 15 регионални центри, а властите во Кабул имаат контрола врз уште 19 регионални центри.
Судирите во последните неколку месеци доведоа и до страдање на цивилите и поголеми миграции.
Податоците на ОН покажуваат дека во првата половина на 2021 година загинале 1.659 цивили, а во последниот месец повеќе од илјада.
Независниот совет за човекови права во Авганистан соопшти дека од почетокот на мај до август се раселени околу милион цивили.
ОН наведуваат дека на речиси 18 милиони Авганистанци им е потребна хуманитарна помош.