КАБУЛ (АА) - По извештајот кој го откри убивањето на најмалку 39 авганистански цивили од страна на австралиските сили, сè погласни се повиците за истрага на слични воени злосторства од страна на други странски трупи стационирани во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Незамудин Катавази, активист за човекови права, изјави дека извештајот треба да даде приоритет сите операции на странските мисии да бидат под лупа.
„Ги цениме мерките преземени од австралиските одбранбени сили и судските власти за гонење на 19-ина осомничени за воени злосторства и злосторства против човештвото, идентификувани од воените власти, извршени во периодот од 2003 до 2016 година од страна на австралиските сили во Авганистан, и ги охрабруваме и властите и судството на другите странски сили да отворат истраги за кршењата на човековите права од силите на нивните земји ангажирани во Меѓународните сили за безбедносна помош на Авганистан (ISAF) и во следствената мисија „Решителна поддршка за Авганистан“ (RSMA) по 2014 година“, изјави Катавази за АА.
Според него, ваквите мерки ќе придонесат за осигурување на владеењето на правото и правдата низ целата земја разорена од војна и може да придонесе за мирот и стабилноста во регионот и пошироко.
Во наредните денови се очекуваат големи протести во земјата, бидејќи деталите од извештајот стигнаа до јавноста преку медиумите.
Австралиските власти вчера ги објавија деталите од истрагата за најмалку 39 случаи на убиства на цивили од страна на австралиските специјални сили во Авганистан.
Челникот на австралиските одбранбени сили, генерал Ангус Кембел, побара извинување од Авганистанците по споделувањето на застрашувачките детали од истрагата.
„На народот во Авганистан, во име на австралиските одбранбени сили, искрено и безрезервно му се извинувам за какво било недело извршено од страна на австралиските војници. Разговарав директно со мојот авганистански колега, генерал [Jасин] Зија, за да му ја пренесам оваа порака“, изјави тој во обраќањето пренесувано телевизиски.
Авганистанското Министерство за надворешни работи го поздрави признавањето на делата пред јавноста и ги оцени убиствата на цивилите како нешто непростливо.
„Бидејќи народот и Владата на Авганистан остануваат благодарни за поддршката и соработката на Владата на Австралија во изминатите 19 години, авганистанската Влада заедно со Владата на Австралија ги осудува и смета дека овие злосторства се непростливи, и смета дека најавата за истрага и објавувањето на исходот [истрагата] се клучен чекор кон правдата“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Поранешниот претседател на Авганистан, Хамид Карзаи, исто така се огласи за исходот од истрагата.
„Причината за моето силно спротивставување на воените операции, воздушните напади и ноќните рации е ова; цивилни жртви и кршење на човековите права на авганистанскиот народ“, додаде тој.
Ветувањето на австралискиот премиер Скот Морисон минатата недела дека војниците вмешани во убиствата и лошото однесување ќе се изведат пред лицето на правдата, го охрабри воениот социолог, д-р Саманта Кромпвотс, која доби информации од инсајдери и информатори од специјалните сили, и исто така е автор на тајниот извештај од 2016 година нарачан од воен челник, конечно да зборува во јавноста за тоа.
„Највознемирувачкото нешто за мене беше тоа што луѓето ја кажуваа фразата ‘се случуваше постојано‘“, рече Кромпвотс во интервју за „Ејџ“ (The Age), „Хералд“ (Тhe Herald) и „60 минути“ (60 Minutes) за време на викендот.
news_share_descriptionsubscription_contact
