свет

Авганистан: Пет лица загинаа во експлозија на мина

- Најмалку пет цивили загинаа и девет се повредени, вклучувајќи жени и деца, во експлозија на нагазна мина во авганистанската централна покраина Маидан Вардак, потврдија официјални претставници денес

Ekip  | 20.10.2020 - Обновена : 21.10.2020
Авганистан: Пет лица загинаа во експлозија на мина Фото: Архива / АА

КАБУЛ

Најмалку пет цивили загинаа и девет се повредени, вклучувајќи жени и деца, во експлозија на нагазна мина во авганистанската централна покраина Маидан Вардак, потврдија официјални претставници денес, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според покраинската администрација, автомобил и минибус со патници нагазиле на мина поставена од талибанците во градот Мајдан, главниот град на покраината.

Портпаролот на гувернерот на покраината, Мухибулах Шарифзај, за АА изјави дека загинатите и повредените биле цивили, вклучувајќи жени и деца.

Во меѓувреме локалната телевизија „1News“ објави очевидци кои велат дека 10 лица загинале во инцидентот што се случил на главниот пат, кој ги поврзува градот Мајдан и подрачјето Јалрез.

Никој не презеде одговорност за инцидентот.

„Минатата недела, најмалку 13 цивили загинаа во експлозии на мина во западната покраина Херат и во источните покраини Лагман и Кунар“, сопштува Министерството за внатрешни работи на земјата.

Талибанската страна сѐ уште не ги коментараше овие инциденти.

Насилството во земјата продолжува бидејќи значајните интраавганистански мировни разговори во главниот град на Катар, Доха, траат повеќе од еден месец, а делегатите од двете страни треба да се договорат за дневниот ред и механизмот за решавање конфликти.

Бројките на Независната комисија за човекови права во Авганистан сугерираат дека во првите шест месеци од 2020 година вкупно 1.213 цивили се убиени, а други 1.744 се повредени во 880 различни инциденти, вклучувајќи експлозии на нагазни мини, воздушни напади и копнени офанзиви меѓу спротивставените страни.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.