свет

Сомалискиот министер за АА: Политиките на Турција целосно ги променија и политиките на западните земји кон Африка

„Со посетата на господинот Реџеп Таип Ердоган ја видовме моќта на Турција и пријателството, љубовта и хуманоста на турскиот народ“

Abdirahman Ali Mohamed  | 20.10.2020 - Обновена : 21.10.2020
Сомалискиот министер за АА: Политиките на Турција целосно ги променија и политиките на западните земји кон Африка

МОГАДИШУ (АА) - АБДИРАХМАН АЛИ МУХАМЕД –

Абдулкадир Мухамед Нур, новиот министер за правда на Сомалија, кој дипломирал во Турција, истакна дека односите помеѓу двете земји се засноваат на морални темели, и дека никогаш не се засновале на интерес.

Мохамед Нур дипломираше на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Анкара со стипендија добиена од Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB).

Откако ја започна функцијата министер, првото интервју го даде за Агенција Анадолија (АА) во Могадишу.

Истакнувајќи дека пресвртна точка во односите меѓу Турција и Сомалија била посетата на Реџеп Таип Ердоган во 2011 година на Сомалија, Нур рече дека политиките на Турција целосно го промениле и начинот на политиките што ги воделе западните земји кон Африка.

Нур наведе дека како и многу други сомалиски студенти и тој се образувал во Турција. „Ако кажеме дека ‘турскиот јазик е втор јазик‘ на Сомалија нема да погрешиме. И јас веќе сонувам на турски.“

Прашањата поставени од дописникот на АА до сомалискиот министер за правда, Нур, и неговите одговори се:

- „Многу важни имиња беа дипломирани на политички науки“

ПРАШАЊЕ: Кога дојдовте во Турција, за прв пат?

ОДГОВОР: Всушност во Турција за прв пат дојдов поради мојата дипломатска мисија. Од 2011 година до 2018 година работев во Амбасадата на Сомалија во Анкара на различни должности. Додека бев во Турција сакав да дипломирам на добар универзитет. Тоа ми го овозможија стипендиите што ги дава Турција за многу странски студенти. Затоа секогаш преку Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB) му се заблагодарувам на турскиот народ.

Една година го учев турскиот јазик. Потоа се запишав на Одделот за меѓународни односи на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Анкара. Историјата на политичките науки за мене беше многу значајна. Стигнав до детални информации и од моето непосредно опкружување и со личните истражувања. Како прво, од османлискиот период до денес, многу значајни имиња од политичката и дипломатската историја на Турција дипломирале на политички науки. Можам да го кажам ова, бидејќи бев дипломат и контактирав со многу дипломати од Министерството за надворешни работи на Турција. И голем број од нив беа дипломирани на политички науки. Затоа мојот избор беше многу добар.

ПРАШАЊЕ: Што би кажале за вашето искуство во политичките науки?

ОДГОВОР: Иако го учев турскиот јазик, може да кажам дека ми беше многу тешко да студирам на турски јазик на Факултетот за политички науки. Првите години помислував да се откажам и со образованието да продолжам на некој универзитет на англиски јазик. И неколку пати се обидов. Разговарав со еден пријател од Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB), неговите зборови ме натераа да останам тука. Тој ми рече: „Ако сакаш да бидеш голем државник, мора да си дипломиран на политички науки.“

Политичките науки имаат значајна улога за да се запознаам одблиску со Турција. На факултетот од една страна учевме за светската политика и историјата, а од друга страна благодарение на моето образование одблизу го запознавав турскиот политички живот. Имав можност тоа што го учев како студент во утринските часови да го практикувам како дипломат на работа попладне.

ПРАШАЊЕ: И како политичар, и како Сомалиец кој долго време живееше во Турција, може ли да ни кажете која беше пресвртната точка на односите меѓу Турција и Сомалија?

ОДГОВОР: Покрај тоа што географски се наоѓаме во два далечни региона, кога ќе го погледнеме историскиот процес ќе видиме дека турско-сомалиските односи датираат од поодамна. Ако ме прашате која е пресвртната точка на односите меѓу Турција и Сомалија, апсолутно тоа е 19 август 2011 година.

Сомалијците за прв пат по долго време видоа надеж во авион со ѕвезда и месечина, што слета на уништениот аеродром во нашата земја, која доживуваше долга, заморна и крвава граѓанска војна. Тој ден, од црвено-белиот авион се симна премиерот, неговото семејство, министрите кои го ризикуваа сопствениот живот за да му дадат надеж на еден друг народ. Јас бев сведок на тоа, дадов придонес во тој процес и сè уште се гордеам на тие денови. Со таа посета на господинот Реџеп Таип Ердоган ја видовме моќта на Турција и пријателството, љубовта и хуманоста на турскиот народ.

ПРАШАЊЕ: Истакнавте дека пресвртна точка во односите меѓу двете земји е посетата од 2011 година. Според вас, кој е основниот принцип на динамичниот процес во последните 10 години?

ОДГОВОР: Во оваа смисла, можам да го кажам следното: Односите помеѓу нашите земји се засноваат на морални темели. Местото на Турција во Сомалија во никој случај не е политичко. Односите помеѓу двете земји никогаш не се засновале на интерес. Турција во Сомалија е во срцата на сомалискиот народ. Турција ја градеше целата своја политика врз хуманитарни основи.

Знаете, кога имињата на африканска земја и една западна земја беа споменати едно до друго, третиот збор беше „колонијализам“. Тоа не го кажувам само како еден Африканец, туку како човек што има академско образование во оваа област. Но политиките на Турција целосно ја уништија таа перцепција. Кога имињата Турција и Сомалија ќе се споменат едно до друго, следниот збор што ќе дојде по нив ќе биде пријателство, братство, партнерство. Замислете еден народ кој на своите деца им ги става имињата како што се Ердоган, Реџеп, Емине, Истанбул.

Политиките за помош што се водеа во рамките на моделот за развој во турски стил беа многу важни. Турција даде важна поддршка за развојот на Сомалија во овој процес.

ПРАШАЊЕ: Дали има момент што никогаш не можете да го заборавите за време на престојот во Турција?

ОДГОВОР: Секој ден што го живеев во Турција ми беше убав и значаен. Но сакам да ви кажам за моите 3 значајни денови. Првиот е посетата на Реџеп Таип Ердоган на Сомалија. Тоа е ден кој е запишан со златни букви во историјата на Сомалија. Многу е важно за мене што бев сведок на тој ден.

Вториот ден што никогаш нема да го заборавам е денот кога имаше обид за државен удар во Турција, на 15 јули 2016 година. Искрено, тоа не ми звучеше убедливо кога на почетокот слушнав за гласините за државен удар. Но кога слушнав за тие гласини, како дипломат веднаш се обидов да разберам што се случува за да ја информирам мојата земја. Затоа им се јавив на некои мои пријатели. И тие не знаеја што точно се случува.

Не можев да издржам и за да разберам подобро направив една обиколка со мојот дипломатски автомобил, тогаш ја видов тажната вистина. Веднаш го информирав нашиот претседател. На претседателот му ги кажав моите мислења дека Сомалија треба итно да го поддржи храбриот и чесен турски народ против пучот. Требаше да бидеме првите што ќе го поддржиме турскиот народ во овој тежок ден. Бидејќи тие беа со нас кога ни беше тешко. За мене тоа беше не само дипломатска, туку и морална одговорност.

Третиот важен ден е денот кога дипломирав на Факултетот за политички науки. За таа диплома вложив напор многу години. Учев и во авион, и кога бев со делегации и кога патував со автомобил од еден на друг состанок. Имаше денови кога директно од авион одев да полагам испит. Меѓу сите овие работи, не ми беше лесно да учам на Факултетот за политички науки кој беше тежок.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.