свет

Авганистан: Илјадници зависници од дрога во болниците чекаат за лекување

„Сакам да престанам, но дрогата е многу честа во Авганистан. Секаде ја користат. Се надевам дека ќе престанам овој пат“

Bilal Güler, Sayed Khodaiberdi Sadat  | 27.10.2021 - Обновена : 28.10.2021
Авганистан: Илјадници зависници од дрога во болниците чекаат за лекување Фото: Bilal Güler/АА

КАБУЛ (АА) - БИЛАЛ ЃУЛЕР/САЈЕД ХОДАИБЕРДИ САНАТ -

Во Авганистан има околу 3,5 милиони зависници од дрога, од кои околу 800.000 се жени. Во болниците низ земјата се наоѓаат над илјадници зависници кои чекаат за лекување, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во главниот град Кабул сместен е Центарот за лекување на зависници од дроги „Ибн Сина“, со капацитет од 1.200 кревети. Најголемата болница во земјата која пружа помош на зависници, ја отвори вратата на екипата на АА.

Болницата работи со полн капацитет со 450 вработени, од кои 50 психолози и 60 психијатри.

Установата ги пронаоѓа зависниците кои вообичаено се собираат во запуштените делови на градот, под мостовите, а потоа подлежат на 45-дневен процес на лекување. Иако голем број од овие лица се присилно донесени, некои и сами се пријавуваат за лекување.

- Поддршка со лекови и психотерапија -

По регистрацијата на лицето кое стигнало во болницата, следува пресоблекување, потстрижување, капење, по што зависниците се подготвени за почеток на процесот на лекување.

Дневната програма на третманот започнува рано наутро. Зависниците влегуваат во процесот на земање лекови и психотерапија по утринската молитва и доручекот. Потоа се продолжува со разни игри и спортски активности како што се шах, музика, кошарка, фудбал, одбојка и друго.

На зависниците во текот на процесот не им се дава дрога, дури ни во мали дози за тераписка цел. Процесот се следи со дневни извештаи, а следењето на пациентот преку болничкиот тим се врши и по отпуштањето од болница.

Претседателот на Центарот, доктор Ахмет Захир Султани, рече дека успешноста на лекувањето на зависниците е близу 60 проценти.

Султани го сподели податокот дека низ земјата има околу 3,5 милиони зависници, меѓу кои 800.000 жени. Тој, исто така, наведе дека во болниците низ земјата се наоѓаат околу 4.000 пациенти. Тој рече дека се задоволни со опремата која ја поседуваат.

- Притисокот од наркомафијата заврши со талибанците -

Наведувајќи дека порано биле изложени на притисокот од наркомафијата, бидејќи трговијата со дрога има значајно место во авганистанската економија, Султани ги објасни промените кои се случиле откако на власт дошле талибанците:

„Со доаѓањето на талибанците се зголеми бројот на зависниците кои подлежат на лекување. Во последните два месеци собравме повеќе од 3.000 зависници, ги лекувавме во болницата, а потоа ги предадовме на нивните семејства. Порано добивавме многу закани од наркомафијата. Имаше дури и вооружени напади на нашата болница пред талибанците. Наркомафијата не сака да ги изгуби своите муштерии, но со доаѓањето на талибанците оваа закана исчезна. Таква закана досега не сме добиле.“

- Зависниците сакаат да се лекуваат -

Еманула Ахмади (43) рече дека и порано доаѓал во болницата доброволно, но дека повторно почнал да се дрогира набрзо откако бил пуштен. Тој наведе дека се дрогира повеќе од шест години.

„Сакам да престанам, но дрогата е многу честа во Авганистан. Секаде ја користат. Се надевам дека ќе престанам овој пат“, рече Ахмади.

Наведувајќи дека бил невработен и дека го продал имотот на своето семејство за да купи дрога, Ахмади рече дека сака да оздрави и да живее добар живот со своите четири деца.

Хабиб Азизи (25) кажа дека се скарал со своето семејство поради употребата на супстанции и почнал да живее на улица. Донесен е во болницата по доаѓањето на талибанците на власт. Азизи рече дека дрогата ја купувал со продажба на хартија и пластични шишиња кои ги собирал.

Азизи е на болнички третман веќе 20 дена и истакна дека чувствува напредок во закрепнувањето.

„Користам дрога веќе четири години. Се надевам дека ќе се ослободам од зависноста, но не можам да кажам дека сигурно ќе успеам. Ќе дадам сѐ од себе“, рече Азизи, наведувајќи дека по излегувањето од болницата сака да најде редовна работа и да се ожени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.