Sayed Khodaiberdi Sadat
29 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
КАБУЛ (АА) - Три области во авганистанската покраина Газни поминаа под контрола на талибанците во последните 24 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Худад Арфани, пратеник од покраината Газни, во изјавата за медиумите рече дека милитантите извршиле истовремени напади врз областите Хоџа Омери, Ваиз и Мукур во Газни.
Истакнувајќи дека како резултат на нападите трите области поминале под контрола на талибанците, Арфани рече дека безбедносните сили се повлекле од овие области.
Aрфани исто така предупреди дека со ова темпо талибанците можат да ја заземат целата покраина Газни.
Во изјавата дадена од талибанците се тврди дека во последните 24 часа под нивна контрола преминале 5 области.
- Oд талибанците преземени две области -
Од друга страна, авганистанското Министерство за одбрана соопшти дека под нивна контрола вратени се областа Паштун Кот во покраината Фарјаб на северот на земјата и областа Шинвари во покраината Перван.
Во соопштението, во кое се наведува дека извршена е операција против талибанците во 14 покраини во последните 24 часа, се истакнува дека убиени се 235 милитанти, а 161 милитант се повредени.
Исто така се истакнува дека во операцијата биле уништени и 19 бомби подготвени за да експлодираат.
- Насилството во земјата зголемено -
Мировниот процес во Авганистан останува неизвесен, а нападите продолжуваат.
Талибанците ја презедоа контролата врз две области во северните покраини Белх и Саманган на 20 јуни, и областите Девлет Абад, Шолгере и Кишинде на 21 јуни.
Бројот на области што поминаа под контрола на талибанците во последните 2 месеци надмина 45.
Според податоците на Обединетите нации, талибанците контролираат 50 до 70 проценти од територијата на земјата, со исклучок на урбаните центри.
Според информациите до кои стигна дописникот на АА од локалните власти, талибанците од вкупно 407 области зазеле повеќе од 130, вклучувајќи ги и нивните центри.
Во земјата, 34 покраински центри се наоѓаат под контрола на Владата.
Продолжуваат борбите меѓу безбедносните сили и талибанците во поголемиот дел од Авганистан, во приближно 190 од 407 области.