Bahattin Gönültaş
05 Април 2019•Ажурирај: 06 Април 2019
БЕРЛИН
Во организација на Германската новинска агенција (DPA) во Берлин се одржа конференција на Европската алијанса на новински агенции, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата на која учествуваа извршни директори на новински агенции од 31 европска земја, Anadolu Agency ја претставуваа Метин Мутаноглу, заменик-генерален директор и главен и одговорен уредник на Anadolu Agency, и Урал Јешил, директор за човечки ресурси и административни работи.
На конференцијата на тема „Дезинформација и борба против неа“, беа спроведени презентации за дезинформативните вести и фотографии на социјалните мрежи, како и примери за борбата против дезинформациите и технологиите што се користат.
Урал Јешил, директор за човечки ресурси и административни работи на АА, на конференцијата ја презентираше темата под наслов „Како да се борите со кампања на дезинформации? Искуството на АА“.
Јешил зборуваше за успешната борба на АА против дезинформацијата и црната пропаганда благодарение на „Системот за следење фотографии“ развиен од страна на АА.
Јешил посочи дека дигитализацијата, покрај големиот бенефит што го дава, е причина за зголемување на „информативното и визуелно загадување“, додавајќи дека вестите, фотографиите и видеата на АА, како една од влијателните агенции во светот, понекогаш неовластено се користат за дезинформации и манипулации.
Јешил посочи дека симпатизерите на ЈПГ, кои се огранок на терористичката организација ПКК во Сирија, преку профили на социјалните мрежи, со користење фотографии од архивата на АА се обиделе да манипулираат со светската јавност за борбата на Турските вооружени сили (TSK) против терористичката организација ЈПГ/ПКК во сирискиот град Африн, во рамките на операцијата „Маслинова гранка“.
Јешил истакна дека благодарение на Фотографскиот систем за следење, АА успеала да ја обелодени дезинформациската кампања на ЈПГ, докажувајќи ги пред светската јавност лагите на терористичката организација ЈПГ.
Во својата презентација Јешил ги прикажа фотографиите што ЈПГ ги користела во својата дезинформативна кампања. Тој истакна дека АА ќе продолжи да ја развива својата инфраструктура во секторот на дигиталните медиуми, додавајќи дека развивајќи нови производи на тоа поле АА ќе продолжи да биде лидер во Турција и регионот.
EANA, чии основачи се западноевропските новински агенции и АА, служи како професионална платформа која секоја година организира конференции на кои се дискутира за проблемите во медиумскиот сектор и визиите за иднината, имајќи за цел зацврстување на соработката меѓу новинските агенции од Европа и обезбедување на размена на информации меѓу нив.