Adham Kako
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Од Цивилната одбрана во Сирија соопштија дека во нападите на режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи врз Источна Гута, која е под блокада, извршени во периодот од 19 февруари до 23 март, животот го загубија 1.433 цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според Извештајот, објавен на социјалните мрежи од тимовите на Цивилната одбрана, во воздушните и копнените напади на Асадовиот режим, со поддршка на Русија и Иран, врз Источна Гута, во периодот од 19 февруари до 23 март, загинаа вкупно 1.433 цивили, од кои 291 дете и 223 жени.
Во Извештајот се наведува дека како резултат на бомбардирањата врз Источна Гута, во овој период за кој станува збор, повредени се 3.607 цивили, од кои 975 деца и 790 жени.
- Бомбардирањата на режимот и неговите поддржувачи врз Источна Гута -
Режимот и неговите поддржувачи на 19 февруари започнаа со тешките бомбардирања, со цел преземање на контролата врз Источна Гута, чиј еден дел сè уште е под контрола на опозицијата.
Според Извештајот, во овој период (33 дена), режимот и воените авиони на Русија извршија 3.294 воздушни напади врз цивилните населени места во Источна Гута.
Понатаму, во Извештајот на Цивилната одбрана се вели дека режимот и неговите поддржувачи извршија 8.070 артилериски напади врз Источна Гута, 1.615 ракетни напади од копно на копно, додека силите на режимот извршија 1.213 напади со барелни бомби.
Според овој извештај, во овој период десетпати е користен отровен гас врз цивилите.
Како резултат на преговорите реализирани под гаранции на Русија, на 22 март започна задолжителната евакуација од населените места Хареста, Арбин, Земелка и Ајн Терма кои се наоѓаат во Источна Гута, која веќе пет години е под блокада на режимот и неговите поддржувачи.
Евакуацијата во подрачјето на Хареста заврши, а во другите подрачја сè уште е во тек.
Досега над 18.000 лица во пет конвои го напуштија подрачјето, додека подрачјето на Дума, во кое одвреме-навреме сѐ уште се вршат напади, засега не е вклучено во рамките на Договорот.