Burak Bir
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
АНКАРА
Седмиот состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Иран и Русија, за последната ситуација во Сирија, беше одржан вчера преку телеконференција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На состанокот се дискутираше за борбата против пандемијата Ковид-19 во Сирија, случувањата на терен, особено во Идлиб и источно од Еуфрат, политичкиот процес, хуманитарната состојба и враќањето на бегалците“, се соопштува од Министерството за надворешни работи на Турција.
За време на состанокот, трите земји како гаранти на процесот во Астана, ја повторија својата посветеност кон територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија.
„На состанокот, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја истакна важноста која Турција ја придава во спречувањето на ширењето на Ковид-19 во Сирија, и за таа цел, неопходноста за зголемување на координирани меѓународни напори“, се додава од Министерството.
Чавушоглу исто така ја нагласи потребата за продолжување на активностите за хуманитарна помош кон Сирија преку Турција.
Страните исто така изразија задоволство од намалувањето на тензиите во Идлиб, благодарение на Дополнителниот протокол од 5 март 2020 година до Меморандумот за стабилизација на ситуацијата во областа за деескалација на Идлиб.
Споменувајќи ја важноста за прекинот на огнот во Идлиб, Чавушоглу истакна дека трајниот прекин на огнот претставува основна потреба за унапредување на политичкиот процес.
Во меѓувреме, „Чавушоглу изрази загриженост на Турција во врска со тековните акти на тероризам од страна на ПКК/ЈПГ и континуираните обиди за нивно легитимирање како резултат на неуспехот целосно да се отстрани ПКК/ЈПГ од регионите, како што е предвидено со Меморандумот за разбирање од 22 октомври 2019 година“, се вели во соопштението.
Додека страните ја истакнаа важноста за продолжување на политичкиот процес во согласност со Резолуцијата 2.254 на Советот за безбедност на ОН, Чавушоглу го повтори очекувањето на Турција за конкретен напредок во третиот круг од состаноците на Уставниот комитет.
„Чавушоглу исто така посочи дека Турција ќе ја продолжи неопходната работа за враќање на сириските бегалци раселени како резултат на конфликтот. Нагласена е и подготвеноста на Турција да работи со своите партнери во Астана за ова прашање“, се додава во соопштението.