Sorvar Alam
23 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
АНКАРА
Кина одлучи да донира дополнителни 30 милиони долари за Светската здравствена организација за поддршка во глобалната борба против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Хуа Чунјинг, на социјалната мрежа Твитер соопшти дека целта на донацијата е помош во борбата против пандемијата, со акцент врз јакнење на здравствените системи на земјите во развој.
Чунјинг рече дека донацијата ќе ја поддржи борбата на СЗО против глобалната пандемија „особено за зајакнување на здравствените системи на земјите во развој“.
Таа, исто така, нагласи дека Пекинг веќе донирал 20 милиони долари за Организацијата на 11 март.
„Поддршката на Светската здравствена организација во овој круцијален момент претставува поддршка за мултилатеризмот и глобалната солидарност“, порача Чунјинг на Твитер.
Трамп неодамна соопшти дека ја прекинал финансиската поддршка на Светската здравствена организација, која ја обвинува дека благовремено не го предупредила светот за опасноста од Ковид-19, од кој во светот се заразени повеќе од 2,6 милиони луѓе.
Раководството на СЗО ги отфрли критиките на Трамп и изрази надеж дека американскиот претседател ќе ја разгледа својата одлука и ќе ја обнови поддршката на таа меѓународна организација под покровителство на ОН.